„За истите документи пропишана е административна такса која се наплатува, согласно Законот за административните такси кој сè уште нема претрпено измени во тој дел. МВР ќе предложи измена на законот, со цел и административната такса да не се наплаќа“, велат од Министерството за внатрешни работи

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираат дека на граѓаните кои ги менуваат возачките и сообраќајните дозволи кои сè уште се важечки, а се со името Република Македонија, нема да им се наплаќаат обрасците, но ќе им биде наплатена административна такса. Таксите на граѓаните, велат од МВР, им се наплаќаат врз основа на тоа што сè уште не се направени измени на Законот за административни такси.
Оттаму најавуваат дека ќе предложат измена на овој закон, со цел да не се наплаќа ниту административната такса.
„Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека согласно Решението за цените на обрасците што ги издава МВР, возачките дозволи и сообраќајните дозволи со името ‘Република Македонија’ кои се уште се важечки, се заменуваат во редовна постапка со нови со името ‘Република Северна Македонија’ и притоа на граѓаните не им се наплаќа цената пропишана за тие обрасци, до 31 декември 2024 година. Но, за истите документи пропишана е административна такса која се наплатува, согласно Законот за административните такси кој се уште нема претрпено измени во тој дел. МВР ќе предложи измена на законот, се со цел и административната такса да не се наплаќа“,
се наведува во денешното соопштение од МВР.
Рокот за вадење нови возачки дозволи со ознаката „Република Северна Македонија“ беше продолжено до 31 декември 2024 година откако Собранието го донесе по скратена постапка Законот за измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
До итни измени на Законот дојде откако Министерството за внатрешни работи ги извести граѓаните дека од 00 часот на 13 февруари 2024 година ќе важат само возачките дозволи со името Република Северна Македонија и оти истото тоа се однесува и за пасошите, а дека ваквите одредби произлегуваат од Преспанскиот договор.
На 13 февруари, Владата донесе одлука промената на возачките и сообраќајните дозволи да биде бесплатна за граѓаните.