Според партијата, блокирани се сметките на граѓани и на компании, вклучително и на државни компании кои, како што велат, имале депозити во банката. Сите што работеле со државата, како што велат од СДСМ, имале налог да работат со Алта банка

Обвинителството уште денес да ги преземе сите мерки против оние што учествуваа во процесите околу Алта банка во Македонија, порачаа од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, по информациите дека српската Народна банка ја одзела лиценцата за работа на нејзиниот мнозински акционер, Алта Банка Србија. Од СДСМ бараат да се поведат кривични постапки против премиерот Христијан Мицкоски и против гувернерот на Наодната банка Трајко Славески.
„Алта банка падна, балканскиот картел се руши, Обвинителството веднаш да поведе постапки против Мицкоски и Славески. Во 2:30 по полноќ Народната банка на Србија објави дека ѝ ја одзема дозволата за работа на Алта банка и дека банката од денес е во стечај“,
се вели во соопштението на СДСМ.
Според партијата, блокирани се сметките на граѓани и на компании, вклучително и на државни компании кои, како што велат, имале депозити во банката. Сите што работеле со државата, како што велат од СДСМ, имале налог да работат со Алта банка.
„Со месеци наназад велиме: Алта е банка во сопственост на Александар Вучиќ, криминален капитал, сомнително потекло. Со месеци бараме истрага, реакција од Обвинителството, Народната банка, Финансиската полиција. Молчеа и не преземаа ништо, го штитеа Мицкоски и неговата Организирана криминална група, заедно со сестринската СНС. Нема бегање сега“,
додадоа од СДСМ.
Изминатите денови, по изборите во Србија на кои доскорешниот претседател Александар Вучиќ загуби од Студентската листа, од СДСМ на прес-конференција рекоа дека од 26 октомври почнато е забрзано и интензивно префрлање пари од Алта банка во Македонија и во Русија.
Вчера, пак, гувернерот на Народна банка, Трајко Славески наводите за трансфер на средства од Србија кон странство, ги оцени како прашање за надлежните институции во таа земја, при што нагласи дека Народната банка на Србија веќе излегла со официјално соопштение и дека непроверени тврдења за други банкарски системи не треба да се коментираат.
Тој нагласува дека самиот факт дека средства се префрлаат од една во друга земја не значи дека станува збор за сомнителна активност.
