Ако се констатира дека треба некоја скромна санација, тогаш тоа ќе потрае неколку месеци. Но, ако се констатира дека имаме посериозни оштетувања, а се надевам и поскаувам да не биде така, тогаш е можно тоа да потрае и една година, вели деканот Марковски

Мостот „Беласица“, кој ги поврзува Железничката станица и Трговскиот центар „Ист гејт“ во Скопје, а кој беше опожарен, може да остане затворен за сообраќај и една година.
Деканот на Градежниот факултет Горан Марковски вели дека самите истражни работи ќе траат околу два месеца.
„Самите истражни работи сигурно ќе потраат, според мојата проценка, околу два месеца затоа што навистина треба сè да се изработи квалитетно. Не е лесно да се направи форензика на мост по ваков пожар“,
рече Марковски во денешното гостување во утринската емисија на ТВ Телма.
Според Марковски, ќе треба да се утврдат карактеристиките на материјалите што се вградени во мостот и во каква состојба се наоѓаат, а за тоа е потребно време.
„Колку понатаму ќе биде потребно време за мостот да се пушти во употреба, ќе зависи од добиените резултати. Тоа се некои маргини. Ако се констатира дека треба некоја скромна санација, тогаш тоа ќе потрае неколку месеци. Но, ако се констатира дека имаме посериозни оштетувања, а се надевам и поскаувам да не биде така, тогаш можно тоа да потрае и една година“,
додаде Марковски.
Но, според него, колку време ќе трае санацијата многу ќе зависи и од законските процедури што се пропишани.
„Сè зависи и од тоа колку ќе мора да се почитува таа законска процедура или ќе се добие некоја урегнтност за да може да се дејствува. Но, маргините се тие во кои ќе може да очекуваме решение за овој мост“,
додаде деканот Марковски.
Од Град Скопје посочуваат дека во моментов се работи на вештачење на состојбата на мостот со цел утврдување дали воопшто има структурно оштетување, по што ќе се направи проценка дали во наредните денови ќе се врати во употреба веднаш, или, пак, ќе има каква било интервенција пред да се стави во употреба.
Градоначалничката Данела Арсовска во гостување во телевизиска емисија рече дека додека мостот не биде 100-процентно безбеден не треба да биде пуштен во сообраќај. Таа вели во оваа фаза Градот ги очекува анализите од другите институции кои треба да се произнесат дали и колку е безбеден мостот по пожарот што се случи на 12 овој месец.
Досега, како што рече таа, Градот нема информации колкава е штета. Првично тимови биле излезени на терен и се очекуваат нивните извештаи.
Дека мостот ќе биде затворен по пожарот соопшти директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, кој рече дека така ќе биде додека не се утврди дали е безбеден за поминување. Тој тогаш рече дека постои опасност од паѓање делови од заштитната бетонска облога со која е обложен долниот дел на мостот, а која испукала поради пожарот.
Двете најголеми партии во Советот на Град Скопје – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, пак, бараат седница на која ќе се расправа за состојбата со мостот „Беласица“ кај Железничката станица, а кој по пожарот пред една недела беше затворен за сообраќај со што настана сообраќаен хаос во градот.