Досега, како што рече таа, Градот нема информации колкава е штета. Првично тимови биле излезени на терен и се очекуваат нивните извештаи
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, вели дека не зависи од Градот колку време ќе биде затворен мостот „Беласица“ кон се наоѓа на потегот од Железничката станица во Скопје кон трговскиот центар „Ист гејт мол“.
Додека не биде 100 процентно безбеден, вели таа, не треба да биде пуштен во сообраќај. Таа вели во оваа фаза Градот ги очекува анализите од останатите институции кои треба да се произнесат дали и колку е безбеден мостот по пожарот што се случи во четвртокот вечерта.
„Прелиминарно, она што го имаме како информација е дека се работи за фактор човек. Имаме дел несовесни граѓани кои за жал не размислуваат кои се штетите што може да настанат, не само по јавното добро туку и по животот на нашите сограѓани. Тоа е нешто за кое апелиравме и се надеваме дека МВР и Центарот за управување со кризи (ЦУК) ќе ги преземат соодветните мерки како би можеле да бидат елиминирани сите овие последици и она од кое стравуваме, да се најдат сторителите и да бидат санкционирани. Што се однесува до она кое Градот може да го направи, најпрвин треба да ги сочекаме анализите кои ќе произлезат, да ги видиме извештаите кои ЦУК и МВР ќе ги достават до градот и да почнеме со постапување. Пред да бидеме сигурни дали е или не е нарушена статиката, да се испита дали е безбедно за премин не можеме да дадеме поконкретни информации“,
рече Арсовска во гостувањето во емисијата „10 минути“ на ТВ 21.
Досега, како што рече таа, Градот нема информации колкава е штета. Првично тимови биле излезени на терен и се очекуваат нивните извештаи.
Дека мостот ќе биде затворен, во петокот на 12 мај соопшти директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, кој рече дека така ќе биде додека не се утврди дали е безбеден за поминување. Тој тогаш соопшти дека постои опасност од паѓање делови од заштитната бетонска облога со која е обложен долниот дел на мостот, а која испукала поради пожарот.