„Јас и мојот другар Бојан влеговме во дискотеката во тоалетот, таму го извадивме другарот Давид. Надвор се обидовме да го качиме во кола. Имаше еден од полицајците, не знам кој, го прашав да ми помогне да го качиме во кола, тој ми кажа дека ‘тоа не е негова работа’“, рече сведокот на денешното рочиште
Дел од одбраната реагираше на неговото сведочење, оценувајќи го исказот на момчето како конфузен. Еден од адвокатите на обвинетите полицајци, во тој контекст, рече дека или сведокот има селективна меморија „или е инструиран да го говори само она што му оди во прилог на Обвинителството“
Родителите на загинатите во „Пулс“, во изјава за медиумите рекоа дека сведокот недвосмислено посочил оти полициски службеник, како што рекоа, во моментите кога луѓето се бореле за живот, одбил да помогне при внесување на повредено лице во автомобил за да биде однесено во болница
Тоа не е моја работа. Вака му одговорил полициски службеник, кој бил на должност, на момче што од него побарало да му помогне додека ги спасувало своите другари кои на 16 март биле во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, каде во пожар загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Момчето, инаку студент, денеска се појави како сведок на Обвинителството во судскиот процес што во Основниот кривичен суд Скопје се води против 13 полициски службеници, кои се обвинети за тешки дела против општата сигурност, поврзани со трагедијата во „Пулс“.
Тој беше сослушан, како прв сведок, а по него искази пред судот дадоа уште двајца, кои, кобната вечер, исто така, биле во објектот.
Раскажа дека со другарите бил во угостителскиот објект кога избувнал пожарот, и објасни дека тргнал да излезе надвор. Кажа оти имало многу луѓе, а успеал да излезе откако некој го фатил за испружената рака и го извлекол надвор.
„Надвор го најдов другарот Филип, на кој му беше повредено коленото. Го однесов во болница и се вратив во дискотеката. Имаше многу народ и лежеа, јас бев збунет и не знаев што да правам. Потоа дојдоа и пожарникари да гаснат. Јас и мојот другар Бојан влеговме во дискотеката во тоалетот, таму го извадивме другарот Давид. Надвор се обидовме да го качиме во кола. Имаше еден од полицајците, не знам кој, го прашав да ми помогне да го качиме во кола, тој ми кажа дека тоа не е негова работа“,
кажа сведокот, пренесе МИА.
Тој во судницата наведе дека кога влегол во дискотеката, на влезот имало еден полицаец и дека другарите му рекле оти прават некоја проверка.
На прашањето дали го видел полицаецот внатре и дали бил во униформа, сведокот рече оти не се сеќава, но мисли дека бил во цивилна облека.
„Не го видов така. Кога влегов, моите другари ми рекоа дека има во цивилка, и го погледнав“,
рече момчето.
Тој одговори потврдно на прашањето дали надвор пред објектот забележал и други полициски службеници. Рече дека полиција имало секаде, па и на кружниот тек, кој се наоѓа подолу од „Пулс“.
Одговарајќи на прашање на одбраната дали го препознава во судницата полицаецот што одбил да му помогне, сведокот кажа: „Не“.
„Не се сеќавам на ликот“,
рече сведокот.
Дел од одбраната реагираше на неговото сведочење, оценувајќи го исказот на момчето како конфузен. Еден од адвокатите на обвинетите полицајци, во тој контекст, рече дека или сведокот има селективна меморија „или е инструиран да го говори само она што му оди во прилог на Обвинителството“.
На пултот за сведоци потоа застана вториот сведок, средношколка, која кобната вечер, исто така била во „Пулс“. И таа раскажа како влегле и што се случувало внатре. Рече била со нејзиното момче. Билет купиле на влезот, која потоа ја дале на обезбедувањето, кое им ставило печат, и продолжиле кон масата, која била во близина на бината. Додека се забавувале на масата, таа рече дека не видела полициски службеници, но кога отишла со другарка до тоалетот, кај ходникот на почетокот на првата врата на дискотеката забележала полицаец.
„Кога поминав покрај него, му ја видов само значката на униформата, лицето не му го видов. Кога се вратив на масата, од групата ДНК изјавија: ‘ајде сега да ги поздравиме полицајците’. Само јас бев малолетна од друштвото на масата, но бев со брат ми и се вратив на масата. Мислам никој не забележа дека сум малолетна“,
рече сведокот.

Таа рече оти откако се вклучиле прскалките (пиротехниката), забавата продолжила и воопшто не забележала кога се запалил таванот над бината.
„Мислам дека беше 2:30 часот. Откако се случи пожарот се ми беше бело пред очи, сите почнаа да трчаат. На масата останавме само јас, Мартин и брат ми. Мартин ми рече ајде да излегуваме, ама јас не го сфатив сериозно, мислев ќе го изгаснат, а имаше и други што седеа и уште се забавуваа, па не брзав да излезам“,
рече сведокот.
Кога тргнале да излегуваат, кај вратата имало голем број луѓе, кои викале „отворете ја вратата да излеземе“.
„Сите пискаа, јас мислам дека беше затворена, јас не видов. Сите стоевме и туркавме. Се онесвестив. Мене ме извади пожарникар. Кога се освестив, веќе дискотеката беше испразнета, видов пожарникар како го гаси пожарот. Мене само раката и рамото ми беше слободно, а цела бев заглавена од други лица и собрав сила и ја кренав раката. Пожарникарот ме извлече и изнесе надвор пред скалите, каде ми помогна едно дете и ме однесе на паркинг кај другите повредени“,
рече таа.
Третиот сведок, студентка која исто така била во „Пулс“ во раните утрински часови на 16 март, пред судот објасни како избувнал пожарот и дека и неа ја спасиле пожарникари.
„Кога излегов надвор, почнав да го барам татко ми и да викам. Викав силно и хистерично. Кога продолжив да викам, еден од униформираните лица ми рече дека ако продолжам да викам, ќе бидам приведена“, рече таа.
Родителите на децата што ги загубија животите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, на пауза на денешното рочиште, во изјава за медиуми, реагираа дека во судницата имало исказ кој не смее да помине незабележано.
„Сведокот недвосмислено посочи дека полициски службеник во моментите кога луѓето се бореле за живот, одбил да помогне при внесување на повредено лице во автомобил за да биде однесено во болница. Ако ова е потврдено преку доказна постапка, тогаш станува збор за постапување кое мора сериозно да се разгледа. Во тие моменти, МВР немало време за изговори и префрлање на одговорност. Имало повредени луѓе кои се бореле за живот“,
изјави Александар Наунов, татко на Надица Наунова, која загина во пожарот, и претседател на Здружението „16 Март“.
Адвокатот од одбраната, Александар Петрески, пак, исто така, во изјава за медиумите, на пауза на рочиштето, рече дека обвинението не е соодветно подготвено и не нуди конкретни докази за одлучителните факти.
Според Петрески, во текот на целата судска постапка се покажало дека предложените сведоци од страна на обвинителството не се концизни, ниту јасни во своите искази и не ги поткрепуваат наводите од обвинителниот акт. Тој исто така потенцира дека обвинителството зазема контрадикторен став во текот на процесот.
„Значи, Обвинителството во воведните зборови укажува дека не им се става на товар тоа дали полицајците помагале или не, а потоа упорно се поставуваат прашања и се наведува сведокот да каже дека полицијата била тотално незаинтересирана и не помагала. Значи, чисто да се создаде една слика дека обвинетите што денес се товарат се виновни за нивните постапки, а сè уште не разбравме за кои постапки ги товарат и конкретно се товарат“,
изјави Петрески.
Судењето продолжува на 13 октомври, со сослушување сведоци.
Судскиот процес претходно денеска почна од почеток поради промена на составот на судечкиот совет. Како што информира Судот, еден од поротниците информирал дека поради здравствени причини еден месец и повеќе нема да може да учествува на судењата, додека вториот најавил дека поради други ангажмани нема да учествува повеќе како поротник на судските процеси.
Судењето го води судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, додека застапник на обвинението е обвинителката на Спасенка Андонова.
Судот информира дека се преземаат сите досега изведени материјални докази и сослушани сведоци и се продолжува со сослушување на сведоци на Обвинителството.
Судењето е поврзано со трагичниот пожар што избувна на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
