На прашањето од судот за тоа дали е спорно времето и местото на случувањето на настанот, одбраната на обвинетите Дејан Салтировски, Ванчо Ѓорѓиевски, Стојанчо Филипов и Марјан Радевски истакна „за нас целото обвинение е спорно и не можеме да кажеме и да се произнесеме на одредени околности“

Со одлука за одржување главна расправа, денеска во Основниот кривичен суд заврши подготвителното рочиште против 13 полициски службеници и началници од ОВР Кочани и СВР Штип. Тие се товарат за загрозување на општата безбедност во врска со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“.
На рочиштето беше констатирано дека полномошник на оштетен е сопруг на четврта братучетка на членот на советот кој постапува по овој предмет. Судијата ја извести в.д. претседателката на овој суд, по што одлучено е дека законот предвидува до кој степен сродство е задолжителни изземање, а тоа што судијата известил дека нема интензивна комуникација со подалечната фамилија, ценето е дека истото го поминува и објективниот и субјективниот тест на непристрасност.
На прашањето од судот за тоа дали е спорно времето и местото на случувањето на настанот, одбраната на обвинетите Дејан Салтировски, Ванчо Ѓорѓиевски, Стојанчо Филипов и Марјан Радевски истакна „за нас целото обвинение е спорно и не можеме да кажеме и да се произнесеме на одредени околности“.
Одбраната посочи дека паралелната постапка што се води во Идризово е сериозна пречка за овој случај и отвори прашања во однос на тоа кои факти судот ќе ги смета за спорни или неспорни, како и кои од доказите предложени од Обвинителството треба да бидат задржани и презентирани.
Во однос на доказната постапка, дел од одбраната побара изведување на сите докази редоследно како што се наведени од страна на Јавното обвинителство, додека други бранители побараа да не се изведуваат сите предложени докази.
Според наводите во предметот, на 16 март обвинетите биле дежурни, но истовремено биле и ангажирани во дискотеката. Иако биле присутни кога избил пожарот, ниту ја прекинале забавата, ниту спречиле активирање на пиротехниката.
На обвинителната клупа се наоѓаат заменик-началникот на полицијата Дејан Салтировски, Ванчо Георгиевски, вишиот инспектор Марија Маневска, инспекторот за недозволена трговија со дрога Томо Донев, инспекторот за прифат и сменоводител во ОВР, Кочани Драган Петрушев, водичот на безбедносен сектор Кире Богатинов, како и Стојанче Филипов, Благица Митева, Кристина Николова, Мазлу Рамаданов, Дарко Милошевски, Мартин Арсовски и Марјан Радевски.
„Со оглед на тоа што очекував рочиштето да биде многу поконструктивно и за многу други околности остана од вашите наводи, може да продолжиме со рочиште за главна расправа бидејќи ги имате примено доказите од обвинителството“,
заклучи претседателката на судечкиот совет.
Главната расправа ќе биде јавна и на неа ќе бидат изведени сите предложени материјални и вербални докази.
Инаку, од обвинетите 13 полициски службеници, деветмина се полицајци, а четворица се началници – двајца од ОВР Кочани и двајца од СВР Штип.
Според Обвинителството, тие од 14 до 16 март – денот кога се случи трагедијата, одобриле и спровеле план за акциска контрола без да проверат дали тој ги има опфатено сите проверки што се во нивна надлежност, ниту, пак, дали се почитувани одредбите од стандардните оперативни процедури за проценка и управување со ризик при вршење полициски работи. Кобната ноќ влегле во „Пулс“ во 2:20 часот по полноќ, по усна наредба, а пиротехниката, што се смета за непосредна причина за избувнувањето на пожарот, се активирала среде контролата.
Покрај обвинителниот акт против тринаесеттемина полициски службеници, ОЈО ГОКК на крајот на јануари поднесе и два обвинителни предлози против нивни колеги кои, исто така, се товарат за кривични дела поврзани со пожарот во „Пулс“.
Другото обвинение опфаќа девет полициски службеници кои се гонат за злоупотреба на службената положба и овластување. За нив Обвинителството смета дека не извршиле целосна и детална проверка при издавање согласност за добивање лиценца на т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани. Тие биле задолжени за проверки од аспект на јавниот ред и мир и сообраќајната безбедност, потпишале дека т.н. кабаре ги поседува предвидените најмалку 20 паркинг-места, иако ги немало.
Третиот обвинителен предлог беше за тројца полициски службеници кои беа обвинети за злоупотреба на службената положба.
Минатата недела Основниот кривичен суд Скопје ги прогласи за виновни тројцата полициски службеници – Кире Богатинов, Горан Лазаров и Александар Темелков во врска со т.н. кабаре „Пулс“ во кое лани во пожар загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Командирот на полициската станица во Кочани, Александар Темелков, доби условна казна затвор од две години, додека полицајците Кире Богатинов и Горан Лазаров се осудени на условни казни од по една година.
