Согласно одлуката на Регулаторна, највисоката цена во малопродажба на бензинот еуросупер БС-95 ќе изнесува 99 денари за еден литар, еуросупер БС-98 ќе се продава за 101 денар, а еуродизел БС (Д-Е V) за 104,5 денари за литар
Од ноќеска на полноќ дизелот ќе се продава по нови цени, а драстично зголемување има на цената на дизелот, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).

Имено, дизелот поскапува за 5,5 денари по литар, додека бензиниите ќе се продаваат по цени пониски за 1,5 денари.
Така, согласно одлуката на Регулаторна, највисоката цена во малопродажба на бензинот еуросупер БС-95 ќе изнесува 99 денари за еден литар, еуросупер БС-98 ќе се продава за 101, а еуродизел БС (Д-Е V) за 104,5 денари за литар.
Екстралесното масло за горење (ЕЛ1) поевтинува за 7 денари за литар и ќе се продава за 102,5 денари, додека малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 1,835 денари по килограм и ќе изнесува 50,078 денари.
Од Регулаторната комисија за енергетика посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 0,960 отсто, кај дизелот за 6,772, кај екстра лесното масло за 5,960 и кај мазутот за околу 4,084 отсто.
Курсот на денарот во однос на доларот е за околу 0,753 отсто повисок од курсот по кој беа формирани цените со претходната пресметка.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска, одговарајќи на новинарски прашања рече дека доколку ситуацијата со цените на горивата дополнително ескалира, Владата ќе ги преземе сите потребни чекори за да го ублажи ценовниот шок врз граѓаните.
Божиновска нагласи дека Владата внимателно ги следи случувањата, напоменувајќи дека покачувањето на цените е резултат на глобални фактори и воени конфликти врз кои државата нема влијание. Таа кажа дека во моментов е активна мерката за намалување на ДДВ за дизелот од 18 на 10 отсто, мерка што Владата ја донесе на 13 септември, и треба да важи до 28 септември.
Ресорната министерка не ја исклучува можноста од нови намалувања, наведувајќи дека фискалните мерки ги прави Министерството за финансии, кои потоа се донесуваат на седница на Влада.
Таа најави дека Владата на претстојната седница во вторник ќе ја разгледа состојбата и ќе дискутира за следните чекори.
Божиновска кажа и дека во овој момент не се водат нови преговори за дополнителен попуст со „Окта“, но таа можност останува отворена доколку кризата се продлабочи.
