Во однос на преговорите за измените на Изборниот законик, Гаши информира дека на денешната редовна координација со координаторите на пратеничките групи била отворена и таа тема, при што е договорено партиите прво да ги усогласат позициите внатре во своите редови

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, вели дека остварува постојани контакти со сите пратенички групи за да се изнајде компромис за законите за кои е потребно Бадентерово мнозинство. Тој додава дека законодавниот дом мора да ја надмине блокадата и да продолжи да функционира ефикасно во интерес на сите граѓани.
Осврнувајќи се на предизвиците со обезбедувањето на потребното мнозинство за законите што се на дневен ред, Гаши на денешниот брифинг со новинарите рече дека решенијата мора да се бараат исклучиво преку демократски дијалог.
„Јасно е дека во Собранието имаме проблем со гласањето на законите кои треба да се изгласаат со Бадентерово мнозинство. Но, за сè во демократијата се потребни разговор и дијалог и треба да има решение. Јас лично, заедно со сите пратеници, разговарам и бараме начин како да ги надминеме овие разлики и се надевам дека во блиска иднина ќе најдеме решение, ќе се договориме и ако треба закон по закон или концептуално да најдеме решение. Како и да е, Собранието мора да профункционира и во овој дел каде што е заглавено и да биде ефективно и за самата работа на институцијата, но и за граѓаните“,
истакна Гаши.
Прашан околу законот за минимална плата и кој е ставот на неговата пратеничка група, Гаши рече дека тој е предложен од опозициска партија и ќе биде ставен на дневен ред на почетокот на октомври, на првата седница што ќе биде наредно свикана.
„Се надевам дека до тогаш партиите ќе изградат став околу тоа дали ќе се прифати или кој ќе биде нивниот став. Ќе треба да чекаме време да се разговара, може и за тоа ќе треба разговори. Ако е во интерес на граѓаните зошто да не, треба да с е поддржи закон. Не е важно кој го предлага, туку да биде во интерес на сите граѓани“,
рече Гаши.
Појасни дека за 123. пленарна седница, закажана за 29 септември, се ставени сите десет предлог-закони поднесени во последно време по скратена постапка, меѓу кои и оние за јавната администрација и за висока служба. Доколку некој предлог не го добие потребното Бадентерово мнозинство, постапката завршува и истиот закон не може повторно да се поднесе во следните три месеци.
Во однос на преговорите за измените на Изборниот законик, Гаши информира дека на денешната редовна координација со координаторите на пратеничките групи била отворена и таа тема, при што е договорено партиите прво да ги усогласат позициите внатре во своите редови.
„Се отворија сите теми кои се поактуелни. Се отвори и темата за Изборниот законик. Работата е закочена во делот на гласање на дијаспората. Мислам дека партиите сега се обидуваат повторно да се надминат себеси или да најдат друго решение и разговараат помеѓу себе. Тоа што го разбрав од координацијата е дека партиите ќе разговараат внатре во нивните редови, а потоа ќе се состанат во работната група да пробаат да најдат финално решение“,
одговори тој.
Во врска со 124. седница, на која треба да се поставуваат пратенички прашања, пак, соопшти дека е свикана за 24 септември, откако терминот бил усогласен со претседателот на Владата.
„Се договоривме и се координиравме со претседателот на Владата. Немаше никаква можност друг ден да се организира и остана 24 септември. Барав од координаторите да имаат разбирање и да не поставуваат прашања усно, затоа што можат писмено да му ги постават на премиерот и тие ќе бидат одговорени“, рече Гаши.
одговори тој.
На координацијата станало збор и за функционирањето на собраниските анкетни комисии, со акцент на барањата на семејствата на загинатите од Кочани. Гаши посочи дека официјално, преку архива или електронска пошта, сè уште нема добиено писмо од родителите, но го видел јавно и ќе изврши проверка.
„Разговаравме денеска на координација околу таа тема. Ставот е дека некои од координаторите мислат дека треба да заврши постоечката Анкетна комисија, па потоа да биде формирана другата комисија. Имапе став дека треба паралено да се движат овие работи. Секако очекувам дека ќе има епилог и од едната и од другата. Јас ги повикувам сите, и претседателот на постојаната анкетна комисија да ја свика таа седница и да ги усвојат заклучоците. Исто така, ги повикувам и политичките партии да предложат членови и да се формира и другата Анкетна комисија за сите други случаи што ги имавме во државата во минатото“,
рече Гаши.
Гаши на брифингот информира и за меѓународните и протоколарните активности на Собранието, најавувајќи средби со делегација од Сенатот на Франција на 24 септември, состанок со Мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија – ЕУ на 26 септември, како и одбележување на Меѓународниот ден на знаковниот јазик на 23 септември. Денеска се одржале и состаноци со Научниот совет на Швајцарската програма и за Акцискиот план за Отворено партнерство за младите за периодот 2027–2029 година.
