Љубомир Данаилов Фрчкоски нема да биде македонски амбасадор во Вашингтон, САД, објави порталот МКД.мк повикувајќи се на високи дипломатски извори. Според нивните сознанија, наводно тој не ја добил согласноста за оваа дипломатска функција, бидејќи земјата-домаќин изразила одредени резерви кон него.
На почетокот на минатиот месец, од Владата за „360 степени“ потврдија дека почната е процедурата за професорот Фрчкоски да отпатува во амбасадата во Вашингтон, каде што амбасадорската позиција е празна околу 2,5 години.
С Македонија нема амбасадор во САД од октомври 2018 година, кога од мисијата се врати Васко Наумовски.
Министерот за надворешни работи пак, Бујар Османи, во вечерашното гостување во „Клик плус“ на ТВ21, рече дека тие никогаш не потврдиле дека Фрчкоски е кандидат за амбасадор во САД и рече дека тие информации се пласирале само во медиумите.
„Во ниту еден момент ние не сме кажале дека тој е кандидат или дека е прифатен или дека е отфрлен, затоа што процедурите на кандидатурите на амбасадор, односно амбасадори се до потврдување на агеманот се во дискреција и се класифицирани податоци“,
рече Османи.
Според информациите на „360 степени“, најсериозен кандидат за нов македонски амбасадор во Њујорк, пак е, Андреј Жерновски, член на Централниот одбор на СДСМ и поранешен заменик-министер за надворешни работи. Како што веќе објавивме, постапката за негово именување сè уште не официјализирана, но опцијата тој да биде амбасадор во седиштето на ОН веќе е ставена на маса и многу веројатно е дека ова ќе биде следното дипломатско претставништво на Северна Македонија кое ќе биде пополнето.