Конструктивна средба, е оценката на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за состанокот со премиерот Зоран Заев. Според лидерот на опозицијата, првата тема на разговор бил нивниот предлог за прв човек на МВР, за што допрва треба да се одлучи дали е прифатлив, бидејќи стануава збор за воено лице, а Уставот пропишува дека со министерствата за внатрешни работи и за одбрана треба да раководат цивилни лица.

„Разговаравме за името, му го презентиравме, му ја презентиравме биографијата на лицето и во интерес на дополнителни консултации коишто тој треба да ги изврши, јас не би го споменувал се уште нашиот предлог. Се договоривме за околу час, час и половина да се слушнеме телефонски за конечна потврда. Но, вака на прва, немаше никакви забелешки, ниту пак имаше некакви дополнителни кометари. Станува збор за човек нов во политиката, човек врвен професионалец. Човек со исклучително богата кариера во службата, онаму каде што досега работел. Убедени сме дека ќе биде додадена вредност за безбедноста во нашата држава“,
изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Освен за предлогот за министер за внатрешни работи, Мицкоски и Заев разговарале и за профилот на личностите кои ќе ги предложи опозицијата за министри за труд и социјална политика и за дополнителни заменици-министри за финансии, земјоделство и за информатичко општество и администрација.
„Се договоривме во понеделник пред да бидат објавени имињата да имаме телефонска консултација, а дури потоа, откако ќе ја завршиме таа телефонска консултација, ќе ги соопштиме на јавноста“,
изјави Мицкоски.
На средбата било договорено и разговорите и потенцијалната измена на изборниот модел, да се одложат за по изборите.

Дека Мицкоски ќе мора да почека за ставот на Заев за предлогот за министер за внатрешни работи, кажа и премиерот. Но, на својата прес-конференција, првиот човек на Владата изрази сериозни резерви дека воено лице смее да седне на министерска позиција согласно Уставот.
Ниту Мицкоски ниту Заев не го потврдија името на предложениот министер за внатрешни работи во техничката влада. Како што објави „360 степени“ станува збор за Драган Ковачки, полковник во АРМ.
Министерката за правда, Рената Дескоска, веќе го отфрли предлогот на опозицијата. Од друга страна, најголемиот коалиционен партнер во владата на СДСМ, ДУИ, го прифаќа Ковачки, но нејасно е дали Ахмети бил свесен за уставното ограничување.