Во услови на зголемен интензитет на сообраќајот, внимателното и одговорно учество во сообраќајот, според Советот, е клучен предуслов за зачувување на безбедноста на сите учесници
Се повикуваат возачите да ги почитуваат ограничувањата на брзината и сообраќајната сигнализација, да не управуваат возило под дејство на алкохол, психоактивни супстанции или во состојба на замор, задолжително да користат сигурносен појас, а децата до петгодишна возраст да ги превезуваат во соодветни детски седишта
Сите учесници во сообраќајот да бидат одговорни и доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Ова е апелот што по повод одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката, Илинден, го соопшти Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Од РСБСП посочуваат дека за време на претстојниот празничен викенд се очекува зголемен интензитет на сообраќајот, особено на патните правци кон туристичките центри Охрид, Преспа, Дојран, Крушево и Пелинце, како и кон излетничките места и граничните премини.
„Во услови на зголемен интензитет на сообраќајот, внимателното и одговорно учество во сообраќајот е клучен предуслов за зачувување на безбедноста на сите учесници“,
велат оттаму.
Советот ги повикува возачите да ги почитуваат ограничувањата на брзината и сообраќајната сигнализација, да не управуваат возило под дејство на алкохол, психоактивни супстанции или во состојба на замор, задолжително да користат сигурносен појас, а децата до петгодишна возраст да ги превезуваат во соодветни детски седишта.
Воедно, се апелира да не се користат мобилни телефони и други електронски уреди за време на возењето, како и пред тргнување на пат да се провери техничката исправност на возилото.
За подолгите патувања се препорачува пауза на секои два часа возење.
Апел е упатен и до велосипедистите, мотоциклистите, возачите на лесни електрични возила и пешаците да се движат внимателно и да ги почитуваат сообраќајните правила.
„Секое одговорно однесување во сообраќајот претставува придонес кон зачувување на човечките животи. Да не дозволиме еден момент на невнимание, брзо возење или неодговорна одлука да доведат до несакани последици“,
порачуваат од РСБСП честитајќи им го празникот Илинден на сите граѓани и посакувајќи им безбедно патување и пристигнување до посакуваната дестинација.
