Премиерот Зоран Заев ќе консултира правни експерти во однос на предлогот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, технички министер за внатрешни работи да биде воено лице. Како што изјави Заев, кандидатот на опозицијата за прв човек на МВР се уште е вработен во Министерството за одбрана, а Уставот предвидува со полицијата и одбраната да раководат цивилни лица.
„Ние ќе ја консултираме експертската јавноста, владината експертиза, но ја повикувам и јавноста да си даде свој став. Убаво е транспарентно да ги искристализираме ваквите работи. Се јавува и една дилема за минатите времиња, за Силјан Аврамовски, Митко Чавков или други, тие се овластени лица. Тоа не значи дека овластено лице не е цивилно лице. Овде е проблемот што имаме воено лице“
изјави Заев по средбата со Мицкоски.
Како што веќе објави „360 Степени“, предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни работи во техничката влада е Драган Ковачки, полковник од АРМ.
Во однос на предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за министер за труд и социјала, како и дополнителни заменици-министри за земјоделство, финансии и администрација, Заев и Мицкоски се договориле да ги соопштат в понеделник.
Тема на денешната средба била промената на изборниот модел, прашање за кое се договориле да се дискутира на пролет, по изборите.