„Очекуваме од нашите соседи да го почитуваат и нашиот став бидејќи добрососедските односи се двонасочна улица. Нема да ги гледаат од нас оние политики што ги гледаа досега. Тоа беа политики на себеомаловажување, политика на понизност, политика на коленичење, а од друга страна уништување и ограбување на граѓаните и на сопствената држава. Ниту, пак, ќе гледаат политика на беспотребно иритирање, беспотребна агресија, преименување автопати, аеродроми, споменици итн.“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Со соседите ќе водиме принципиелна политика, темелена на аргументи и факти, а од нив очекуваме да го почитуваат и нашиот став бидејќи добрососедските односи се двонасочна улица, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и извесен мандатар за состав на идната влада, Христијан Мицкоски, во интервју за „Ора 24“.
Соседот, како што додава тој во разговорот, е од Бога даден и ние мора да работиме заедно.
„Што се однесува до соседите ќе водиме една принципиелна политика, политика којашто ќе се темели на аргументи и на факти. Подготвени сме да аргументираме наши позиции, подготвени сме да работиме заедно со нашите соседи и да градиме мостови. Ги повикувам нашите соседи на една заедничка работа, на една братска работа затоа што соседот е тој којшто е од Бога даден и ние мора да работиме заедно, не смееме да ги рушиме мостовите“,
вели Мицкоски.
Она што нема да го гледаат од новата влада, додава тој, се политиките на себеомаловажување кои ги гледале досега ниту, пак, политика на беспотребно иритирање.
„Очекуваме од нашите соседи да го почитуваат и нашиот став бидејќи добрососедските односи се двонасочна улица. Нема да ги гледаат од нас оние политики коишто ги гледаа досега. Тоа беа политики на себеомаловажување, политика на понизност, политика на коленичење, а од друга страна уништување и ограбување на граѓаните и на сопствената држава. Ниту пак ќе гледаат политика на беспотребно иритирање, беспотребна агресија, преименување автопати, аеродроми, споменици итн.“,
наведува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Заокружувајќи ги одговорите на оваа тема, Мицкоски повтори дека соседите ќе гледаат една принципиелна политика, во рамките на која владата ќе ги штити интересите на граѓаните и ќе работи на реформи во борбата против криминалот и корупцијата и на економскиот просперитет на државата.
„Бидејќи она што го сакаат сите граѓани во нашата татковина е токму тоа – економски просперитет, подобра економија и подобар живот“,
вели тој.
Инаку, прашањето за односите со соседите, особено со Грција и Бугарија, се најдоа во јавниот и политики фокус во земјава, но и во регионот и кај меѓународните партнери, поради пред и постизборната реторика на раководството на ВМРО-ДПМНЕ во однос на обврските од договорите со двата соседа.
Во моментов најактуелни се реакциите од Грција, кои се интензивираа по инаугуративниот говор на новоизбраната претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, која во своето обраќање во Собранието при давањето на свечената заклетва не го изговори уставното име на државата – Република Северна Македонија, туку употребуваше само „Македонија“.
Дополнително, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во изјава минатата недела рече дека негово човеково право е својата држава да ја нарекува како што сака, и покрај тоа што, како што рече, употребата на уставното име во комуникацијата во и меѓу институциите останува согласно законските одредби.
Последната порака која што денеска дојде од Грција, каде со внимание се следи секој потег на победниците на неодамнешните избори во земјава, е дека доколку новите власти во земјава ги интересира да останат на европскиот пат, треба да сфатат дека заврши предизборниот период и дека веќе е дојдено време да станат сериозни и да го почитуваат Договорот од Преспа.
Изјавата дојде од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој во телевизиско интервју, дополнително кажа оти не ја исклучува можноста и од големи меѓународни притисоци, притоа навраќајќи се на реакциите кои уследија од ЕУ веднаш по инаугурацијата на новата претседателка на државава, за кои рече дека биле резултат на грчките интервенции. Во таа насока, тој посочи дека во овој момент Грција не е сама.
„Грција во овој момент не е изолирана, Скопје е изолирано. И мислам дека на крај ќе сфатат дека оваа политика е безизлезна и верувам дека ќе се приспособат на притисоците што ќе им бидат извршени и мислам дека е добро тоа, бидејќи ние сакаме добри односи со нашиот северен сосед“,
вели грчкиот премиер.
Во однос на ситуацијата со Бугарија, Мицкоски за тоа поексплицитно говореше во интервју на телевизијата Канал 5, два дена откако коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од неговата партија оствари убедлива победа на парламентарните и претседателските избори.
„Не гледам што е тоа што тие попуштиле. Не гледам такво нешто. Првпат дел од Преговарачка рамка е билатерален договор. Такво нешто во ниту еден друг случај не постои. Си има меѓународни критериуми што значат добрососедски односи. Зборувам за билатерален договор помеѓу две држави. Еве, покажете ми уште еден таков пример. Нема. Не постои. Подготвен сум да одам и да ги аргументирам нашите позиции каде било во светот“,
рече тогаш лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски во интервјуто тогаш рече оти ставот на ВМРО-ДПМНЕ по ова прашање е јасен, но ако Бугарија не е подготвена да отстапи од своите позиции, тогаш, како што посочи, би се свртеле кон исполнување на домашната агенда и ќе чека нова гарнитура во Софија.
Од друга страна пораките кои што дојдоа од Софија, од претседателот Румен Радев и в.д. премиерот Димитар Главчев беа дека Бугарија не прифаќа изјави и однесување што се во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, како и други меѓународни договори кои земјава ги има потпишано и оти нема да се прават отстапки во однос на С Македонија.
Заменик-помошникот секретар на САД во заминување и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во онлајн интервју за Европскиот центар на Атлантскиот совет, изјави оти САД очекуваат дека Северна Македонија ќе продолжи по европскиот пат и дека за тоа добиле уверување од сите нивоа на партиското раководство на главната партија (ВМРО-ДПМНЕ н.з.) која победи на изборите дека ќе остане посветена на тој пат.
На прашањето дали по победата на ВМРО-ДПМНЕ и зголемената загриженост за Договорот од Преспа сè уште верува оти патот кон Европа ќе продолжи, како што изјави на денот на изборите, Ескобар рече:
„Да. Мислам дека Европа и САД многу јасно ја кажаа нашата позиција на претседателот по инаугурацијата дека целосно очекуваме оти Северна Македонија ќе продолжи по својот европски пат, ќе се посвети, ќе продолжи да биде посветена членка на НАТО и, верувајте ми, тие се посветена членка на НАТО. И добивме уверување од сите нивоа на партиското раководство на главната партија (ВМРО-ДПМНЕ н.з.) која победи на изборите дека ќе остане посветено на европскиот пат“.