„Јас не сакам ова да се претвори во политикантство и во пазар, затоа и реков оваа работа треба да се реши, ова не е натпревар на пи-ар стратегија, ова не е натпревар чија суета е поголема. Јас уште на 29 септември побарав прием кај премиерот Димитар Ковачевски, денеска сме 3 октомври, пет дена потоа, од Димитар Ковачевски се уште не добив одговор, ме кани Битиќи на тело кое досега ништо успешно не решило, зошто тоа би го решило ова успешно?“, вели Мицкоски
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека нема потреба да се состане со Економскиот совет на Владата и таму да го презентира својот концепт за справување со енергетската криза откако викендов и премиерот Димитар Ковачевски и министерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи го повикаа Мицкоски да дојде на седницата на советот закажана за в среда наместо да одат на телевизиски дуел или во седиштето на партијата, како што бараше тој.
Мицкоски, во гостување во емисијата „Студио 10“ на „ТВ 24“, вели дека тој совет бил составен од истите луѓе што ја решавале ковид-кризата и кои, како што потенцира, ништо не решиле.

„Не гледам причина зошто би влегол јас во ова сценарио на претворање на целата оваа работа на пазар која што е многу сериозна, бидејќи се работи за иднината на државата и за иднината на граѓаните, тогаш подобро и ќе беше да излеземе на ТВ-дебата, зошто таму ние да седиме педесетина луѓе или триесетина кој што и до сега и онака ништо не решиле, тие луѓе кој што беа за ковидот, се дел од тој економски совет и ако така ги решаваше работите како што ги решававме за ковидот , јас навистина не сакам ниту нивното, ниту своето време да го губам и затоа им реков одберете тим, подготвен сум да ви помогнам. Јас не сакам ова да се претвори во политикантство и во пазар, затоа и реков оваа работа треба да се реши, ова не е натпревар на пи-ар стратегија, ова не е натпревар чија суета е поголема. Јас уште на 29 септември побарав прием кај премиерот Димитар Ковачевски, денеска сме 3 октомври, пет дена потоа, од Димитар Ковачевски се уште не добив одговор, ме кани Битиќи на тело кое досега ништо успешно не решило, зошто тоа би го решило ова успешно?“,
вели Мицкоски.
Тој нагласува дека е подготвена да го презентира концептот кој што нуди помош за излез од енергетската криза со која се соочува државата.
„Јас сум подготвен да им го презентирам концептот. Ако се спореди со цените на берзата тоа што го нудам е под 200 евра за мегавет-час за компаниите, да нема зголемување на цената за затоплување на граѓаните и институциите. Истовремено да има 100 милиони заштита споредбено со тоа што тие се подготвени да го потрошат за да обезбедат електрична енергија и затоплување и исто така нудам измени во законот за енергетика“,
објаснува Мицкоски.
Изминатите неколку дена лидерот на најголемата опозициска партија го повикува премиерот Ковачевски на телевизиски дуел, а викендов го покани вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи да дојде во седиштето на партијата и таму да му го објасни неговиот концепт за справување со енергетската криза.
И Ковачевски и Битиќи ги одбија поканите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и го повикаа да дојде на следниот Економски совет на Владата закажан за в среда.
Лидерот на опозициската партија вчера преку објава на Фејсбук изрази жалење што премиерот и министрите во Владата не ги прифатиле неговите повици за телевизиска дебата и за средба на која тој ќе им го претстави својот концепт за справување со енергетската криза и повторно ја повика Владата, доколку сака да покаже „дека не се точни информациите за големи провизии од увозот на мазут, транспортот преку инстант компании на јаглен и се уште нејасната конструкција за гасот и затоплување на граѓаните“, со нејзин тим да дојде во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски на Владата и нуди концепт со кој државата ќе заштеди 300 милиони евра. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека имале контакти со компании од Германија , Швајцарија и Чешка, а кои можат од „Газпром“ да донесат количина на гас која што ќе биде доволна за земјава.