Советот за општи работи на ЕУ на 24 март, едногласно, а тоа ја вклучува и Бугарија, безусловно одлучи да ги отвори преговорите со Северна Македонија, а на 26 март едногласно беше потврден и од Европскиот совет. Текстот на заклучокот на Советот не содржи ниту еден услов и тоа е јавно достапен документ, вели за МИА техничкиот преговарач на земјава со Европската Унија, Бојан Маричиќ, во врска со тоа дали бугарскиот документ кој во медиумите стана актуелен деновиве е пречка за почеток на преговорите со ЕУ.
Според Маричиќ, изјавата на Бугарија е доставена по усвојувањето на заклучоците, таа е унилатерална и нема правен ефект врз одлуката за почеток на преговорите.
„Изјавата на Бугарија вложена отпосле во записникот од усвојувањето на заклучоците на Советот за општи работи претставува строго еднострана интерпретативна изјава, која не може да го исклучи или измени правниот ефект на одлуката за почеток на преговорите, ниту значењето и опфатот на заклучоците. Притоа, Бугарија во изјавата јасно се повикува на ‘свое разбирање’ на имплементацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, рефлектирајќи ја позицијата на нивниот парламент од октомври 2019 година“,
вели техничкиот преговарач со Унијата.
Документот, нагласува Маричиќ, не значи автоматска блокада и прекин на преговорите уште пред нивниот почеток и очекува активна соработка, заемно уважување и многу добра волја и од наша страна и од страна на Бугарија во текот на преговорите.
Документот со сет мерки, кој беше објавен од австрискиот парламент, во основа ја одразува содржината на рамковната изјава усвоена од бугарската влада во октомври минатата година.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвини Владата дека крие документ според кој Бугарија отворено го условува датумот за преговори на нашата земја со ЕУ со тоа што бара државата да се откаже од македонското малцинство и од македонскиот народ.
Портпаролот на високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жосеп Борел, Петер Стано пред два дена оцени дека едностраната изјава на Бугарија не ги менува заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ, поддржани и од Европскиот совет, за отворање пристапни преговори со Северна Македонија.
Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој е дел од владејачката партија ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов во интервју за порталот „МКД“ посочи дека за земјава да влезе во ЕУ ќе мора да се решат историските прашања. Затоа, вели, многу е битно заедничката експертска комисија што е можно побрзо да си ја заврши работата. Но, тој е првиот експониран бугарски политичар кој во истото интервју изјави дека не може да негира реалноста оти во Македонија живеат Македонци што зборуваат македонски јазик.
Работата на Комисијата беше ставена на пауза поради парламентарните избори, кои пред коронакризата требаше да се одржат во земјава на 12 април, а сето тоа по барање на македонската страна, за прашањата кои се решаваат во неа да не се користат за партиски препукувања во текот на кампањата.
На ова вчера во заедничка колумна се осврнаа историчарите Драги Ѓоргиев и Петар Тодоров, членови на Комисијата, порачувајќи дека „надминувањето на спорот не може да се постигне преку негирање на посебноста на Другиот, преку ревизионистичкиот пристап на историјата или преку премолчување на делови од минатото, туку преку самокритика на сопствените национални историски наративи, преку соочување со болните теми од минатото и меѓусебно почитување. Токму тоа е европски и современ пристап во надминување на старите и анахрони поделби. Само така може да дојдеме до надминување на овој апсурден, но, очигледно, по многу нешта тежок спор“.
Целата колумна можете да ја прочитате ТУКА.