Можат бугарските историчари и политичари да мислат дека ќе постигнат „победа“ во спорот со Македонците, но тоа со сигурност нема Македонците да ги направи Бугари, пишуваат историчарите Драги Ѓоргиев и Петар Тодоров во заедничка колумна за „Дојче Веле“.
„Историјата, поточно перцепциите за минатото, несомнено, имаат големо влијание во животот на луѓето во македонското и бугарското општество. Секоја вест која се однесува на различното толкување на минатото во двете општества предизвикува емотивни реакции кај политичките елити и во јавноста. Речиси веќе 70 години реториката е иста. Бугарите велат: „Македонците ја фалсификуваат историјата“, „Македонците да признаат дека ја крадат бугарската историја“, „Македонците се Бугари“. На што Македонците возвраќаат со: „Бугарите ја крадат македонската историја“, „Бугарите се фашисти“, или, пак, „Немаме ништо заедничко со татарски народ”. Седум децении немаме сила да изградиме современо инфраструктурно поврзување, да ја зголемиме соработка во културата и размената на студенти, но имаме многу сили да се докажуваме за нешто што се случило пред сто, двеста, илјада години и тоа минато да го присвојуваме, без да прифатиме дека минатото ни е споделено и не може исклучиво да припадне на една или друга нација. Всушност, не постои минато на светот што не е споделено. Овој апсурден проблем уште еднаш потврдува дека нашите погледи за историјата повеќе зборуваат за нашиот однос кон неа и како гледаме на сегашноста, отколку за самото минато.
Овој повеќедецениски спор отсекогаш ги артикулирал односите помеѓу двете држави, а неговото присуство во јавноста отсекогаш имало силно влијание врз нашето секојдневие. Деновиве, додека целиот фокус на јавноста е свртен кон пандемијата на коронавирусот и последиците од неа врз нашите животи, темите за историјата и Комисијата за историски и образовни прашања, во контекст на односите меѓу С. Македонија и Бугарија, се повторно актуелни. Се започна со веста во еден од македонските медиуми за содржината на Изјавата на Република Бугарија приложена кон записникот од состанокот на Советот за општи работи на ЕУ од 25 март оваа година, на која се донесе одлука за отпочнување на преговори со Република Северна Македонија. Во Изјавата неколку точки се однесуваат и на работата на Комисијата. И како што е ред и востановена пракса реакциите на политичарите и јавноста не задоцнија. За жал овие постапки и реакции, како и изјавите кои беа присутни во јавноста во последните месеци, не се ништо друго освен политизирање на процесот и сериозна пречка во градењето искрено пријателство помеѓу двата народа. Како членови на Комисијата директно вклучени во процесот, особено ни пречат обвинувањата и искажувањата невистини за работата на Комисијата, поради што се создава чувство на недоверба и разочараност. Коментарите на политичарите и нивните дневнополитички изјави се посебна тема од историјатот на Комисијата, но во овој момент сметаме дека е неопходно да се дадат некои појаснувања во однос на последните изјави кои директно се однесуваат на нашата работа“, пишуваат во колумната“, пишуваат историчарите во колумната.
На крајот, Ѓоргиев и Тодоров порачуваат дека спорот мора да се реши:
„Надминувањето на спорот не може да се постигне преку негирање на посебноста на Другиот, преку ревизионистичкиот пристап на историјата или преку премолчување на делови од минатото, туку преку самокритика на сопствените национални историски наративи, преку соочување со болните теми од минатото и меѓусебно почитување. Токму тоа е европски и современ пристап во надминување на старите и анахрони поделби. Само така може да дојдеме до надминување на овој апсурден, но, очигледно, по многу нешта тежок спор“.
Целата колумна можете да ја прочитате ТУКА.