Градоначалникот на Куманово на Фејсбук објави дека вчера тој и неговото семејство се тестирале во повеќе релевантни лаборатории при што резултатите се негативни на ковид-19
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски вечерва на својот Фејсбук профил објави дека вчерашните тестови кои ги направиле тој и неговото семејство во неколку, како што вели, релевантни лаборатории во државата, и воедно претходно и тестирање од страна на Центарот за јавно здравје во Куманово се негативни.
Тој рече дека побарал од надлежните институции да ги разгледа резултатите од тестирарања и да се побара укинување на самоизолацијата во која се тој и неговото семејство од 16 април кога самиот на Фејсбук објави дека е позитивен на коронавирус.
„Денеска од епидемиолошката служба при ЦЈЗ Куманово побарав да ги разгледа резултатите од тестирањата, по потреба да го повтори тестирањето и под ИТНО да достават барање за укинување на решенијата за самоизолација за мене и членовите на моето семејство и сите мои контакти посочени во епидемиолошка анкета. Се надевам дека моето барање ќе биде итно разгледано и реализирано во рамки на процедурите бидејќи покрај негативните тестови здравствената состојба на мене и семејството е добра и не постојат никакви симптоми ниту показатели на инфекција од ковид 19 со цел да се вратам на секојдневните работни обврски и заедно со мојот тим во ОШЗС да продолжам со борбата против епидемијата во нашиот град и државата“,
напиша Димитриевски на Фејсбук.
Тој воедно како што вели ги отфрла сите обвинувања околу тоа дека наводно бил позитивен на ковид-19.
„Анатемата мора да се тргне. Посакувам брзо закрепнување на сите мои граѓани кои во моментов се борат со болеста а на сите останати да ги почитуваме мерките и да држиме социјална дистанца“напиша Димитриевски на Фејсбук.
Откако Димитриевски објави дека е позитивен на коронавирус, во самоизолација се наоѓаат премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за здравство Венко Филипче и министерот за образование Арбер Адеми, кои беа на седница на тамошниот општински кризен штаб.
*Поврзана вест
Филипче 14 дена во самоизолација: Иако ризикот е мал, правилата се исти за сите
По ова, министерот Филипче најави дека Државниот здравствен и санитарен инспекторат ќе направи увид за да утврди дали има одговорност кај Димитриевски, бидејќи не го информирал дека три дена претходно се тестирал.
Градоначалникот на Куманово неколку пати во повеќе медиуми кажа дека жали за новонастанатата ситуација, оценувајќи дека целиот настан беспотребно „се дува“ и се користи за правење наслови во медиумите и побара инситуциите да го испитаат случајот.