Известен е Државниот здравствен и санитарен инспекторат, верувам дека ќе направат соодветен увид во таа работа. Вака министерот за здравство Венко Филипче одговори на новинарско прашање дали ќе побара одговорност од градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, бидејќи на вчерашната средба со владините претставници, не кажал дека бил тестиран за коронавирус. Градоначалникот денеска доби позитивен резултат на тестот, а Владата соопшти дека Спасовски и министрите поради тоа одат во самоизолација.
Во посета на Куманово вчера беа техничкиот премиер Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, како и министрите Арбр Адеми и Венко Филипче. Сите објавија дека од денеска одат во самоизолација, а министерот Филипче доцна вечерва одржа прес-конференција од својот дом. Филипче кажа дека немале информација оти на членовите на општинскиот кризен штаб во Куманово им се земени брисеви, вклучително и на градоначалникот Димитриевски.
„Да знаевме, поинаку ќе се организиравме. Сепак, имајќи во предвид дека одиме во таков регион, сите носевме маски. А, зошто не сме биле известени, одговорот треба да го барате од присутните таму“,
кажа Филипче.
Како што дознаваме, Димитриевски се тестирал пред три дена, во рамките на редовните тестирања што се правеле на членовите на општинскиот кризен штаб. Тој е еден од десеттемина членови на штабот што имале позитивен тест. Претходно го побаравме и Димитриевски за да појасни дали имал симптоми на вирусот, дали им соопштил на владините претставници дека се тестирал и зошто одржал прес-конференција за медиумите (без маска) додека чека резултати од тестирањето., но не добивме став од кумановскиот градоначалник.
Министерот Филипче вечерва уште еднаш порача сите граѓани да ги почитуваат мерките.
„Сите мерки имаат јaсна медицинска основa и логикa зошто се носат и тие веќе донеле резултати во други земји. Ако не се придржуваме до мерките нема да бидат ни прогнозите точни… Ве молам да останете дома за празникот“,
апелираше Филипче.
*поврзана вест: Димитриевски: Мислев дека Спасовски и министрите службено се информирани дека сум тестиран