Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, е позитивен на ковид-19, информираше самиот на својот фејсбук-профил. Тој вели дека е еден од новите 40 случаи позитивни на коронавирус во Куманово.
„Сега ги добив најновите резултати за новите позитивни лица во Куманово, вкупно четириесет мои драги сограѓани, помеѓу кои сум и јас. Ве охрабрувам заедно и дисциплинирано да продолжиме во борбата против оваа заедничко зло, знам дека ќе го победиме, убеден сум во тоа, ве молам за воздржаност, нема простор за паника. Од вас барам дисциплина, почитување на мерките и препораките за социјална дистанца. Ве молам, од душа и срце ВЕ МОЛАМ, почитувајте ги мерките, избегнувајте ги блиските контакти, здравјето ни е најбитно, така ќе победиме сите“,
напиша Димитриевски на Фејсбук.
Инаку, поради брзото ширење на вирусот во Куманово, вчера владините претставници беа на средба со општинскиот кризен штаб, кој бара воведување 14-дневен карантин во општината, по примерот на Дебар и Центар Жупа.