Процесот за заминување на Дане Талески во мисијата се оддолжи, главно, поради парламентарните избори, но и поради блокадата во собраниската Комисија за надворешни работи, што се одрази на комплетирањето на целата дипломатска мрежа на С Македонија
Амбасадорот Дане Талески денеска ги предаде акредитивните писма на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, со што и официјално започна неговиот мандат како прв постојан претставник на Северна Македонија во НАТО откако земјава, лани на 27 март, стана полноправна членка на Алијансата.
Како што соопштија од македонското МНР, церемонијата се одржа во седиштето на НАТО, согласно со протоколите за заштита од коронавирусот, по што следуваше состанок на Талески со Столтенберг.
„Членството во НАТО на Северна Македонија е реализација на стратешка цел и реализација на еден од најважните надворешно-политички приоритети на државата, што придонесе кон подобрување на стабилноста и безбедноста на земјата, со позитивни импликации на целиот регион. Членството во НАТО е суверена одлука на Северна Македонија, зацртана со едногласна одлука на Собранието во 1993, за што секогаш постоел широк и силен меѓуетнички и натпартиски консензус“, .
се наведува во соопштението од МНР.
Владата го номинираше Талески за дипломатски претставник на земјава во НАТО во Брисел уште минатата година, пред официјализирањето на членството на земјава во Алијансата, а откако таа позиција подолго време беше непополнета. Сепак, Талески стигна во Брисел десет месеци откако С Македонија и формално стана 30 членка на Алијансата.
Процесот за заминување на Талески во мисијата во НАТО се оддолжи, главно, поради предвремените парламентарни избори, како и поради блокадата во собраниската Комисија за надворешни работи, со која претседава Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се одрази на комлетирањето на целата дипломатска мрежа на С Македонија, така што неколку значајни амбасадорски позиции и натаму се празни.
С Македонија се уште нема воен претставник во седиштето на НАТо во Брисел, затоа што кандидато за таа позиција не доби безбедносен сертификат, за што вчера реагираше и опозицијата.