Претседателот изјави вчера дека повеќе од половина од лицата кои се подложени на реветинг процесот, согласно НАТО стандардите, досега го поминале тестот. Само за двајца има негативни оценки
Одговорност од претседателот Стево Пендаровски и од министерката за одбрана Радмила Шекеринска бара ВМРО-ДПМНЕ, поради тоа што земјава веќе 2,5 години е без највисок воен претставник во седиштето на НАТО во Брисел.
„Кандидатот што Шекеринска го предложи, а Пендаровски го прифати, НАТО го одби. Деновиве, поради безбедносни причини, НАТО ни вратил уште едно лице кое било испратено и работело веќе година дена во Брисел. Шекеринска и Пендаровски испраќаат лица за претставници во НАТО, кои не ги поминуваат нивните филтри. Ова е меѓународен и дипломатски скандал и со него се нанесува штета на угледот на државата“,
оцени, на денешната прес-конференција, Драган Ковачки од ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој ги повика Пендаровски и Шекеринска да кажат дали се испочитувани процедурите за избор и упатување на лица во мисии во странство, а ако не седа се произнесат кој и зошто ги прекршил процедурите?
„НАТО почива на доверба помеѓу сојузниците. Кој ви даде за право да ја рушите со години градената доверба помеѓу Македонија и НАТО? Шекеринска и Пендаровски мора да понесат одговорност за овој огромен скандал што не компромитира како земја“,
оценува Ковачки.
Тој посочува дека процесот на проверка на кандидатите пред нивно упатување е нормален и потребен, но дека е неодговорно да се објави името на кандидатот во јавност пред да ги помине сите проверки. Исто така, според него, неодговорно e тоа лице да присуствува на средби со министер за одбрана на САД или со генералниот секретар на НАТО.
„Втора работа, далеку понесериозно и неодговорно, е да испратите лице без соодветни проверки на работни задачи во Брисел и после година дена истото да Ви биде вратено поради безбедносни пречки. Трета работа, најзагрижувачка и крајно неодговорна, е што токму кандидатот за највисок воен претставник, внимавајте – бил и претседател на комисијата за избор на лица за упатување во мисии во странство, вклучително и за мисијата на Македонија во НАТО, односно одлучувал за испраќање и на второто лице кое НАТО го врати“,
рече Ковачки.
Претседателот Пендаровски, во вчерашното интервју за МИА, изјави дека повеќе од половина од лицата кои се подложени на реветинг процесот, кој се спроведува согласно НАТО стандардите за сите оние кои имаат допир со НАТО класифицирани информации досега го поминале тестот.
Процесот, како што рече, се уште трае и на проверки се подложени околу 150 лица од највисоките политички, разузнавачки и одбранбени ешалони. Досега само за двајца има негативни оценки, а меѓу нив е и нашиот кандидат за воен претставник во НАТО.
„Сите функционери, но и сите вработени чии работни обврски подразбираат работа со НАТО класифицирани информации треба да поседуваат НАТО безбедносен сертификат. Како земја партнер, Северна Македонија и порано разменуваше класифицирани информации со НАТО и одреден број функционери и вработени и порано имаа пристап до НАТО сетификати, но само до определен степен на тајност. Пред официјалниот влез, за сите функционери кои имаа контакт со класифицирани информации беше потребен т.н. национален сертификат за пристап до нив, но, од март лани е неопходен НАТО сертификат за пристап до класифицирани информации. Четири се степените на тајност на информациите, а највисокиот топ сикрет се очекува да го има само државниот врз – претседателот, премиерот, министерката за одбрана, началникот на Генералштабот“,
рече Пендаровски.