Претседателката ја нагласила важноста на континуираниот политички дијалог и на парламентарната соработка, во духот на принципите и вредностите утврдени во основачките акти

Неприроден и нелогичен е долгиот македонски пат кон Брисел, којшто, наместо преку Копенхаген, врви преку метрополите на соседите, членки на ЕУ, соочувајќи се со препреки и услови од идентитетска, наместо од реформска природа. Ова го истакнала претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на средбата со делегацијата на Сенатот на Француската Република, предводена од Марта де Сидрак, претседателка на Групата за пријателство Франција–Западен Балкан.
Претседателката, како што информираат од нејзиниот Кабинет, ја поздравила посетата на француските сенатори и активниот ангажман на Групата за парламентарно пријателство во поддршката на регионот на патот кон ЕУ. Таа ја нагласила важноста на континуираниот политички дијалог и на парламентарната соработка, во духот на принципите и вредностите утврдени во основачките акти.
Сиљановска-Давкова на средбата потсетила дека во 1992 година, Бадентеровата комисија позитивно ја оценила нашата уставна усогласеност со Европската конвенција за човекови права и со Рамковната конвенција за заштита на малцинствата, а во 2022, Венецијанската комисија во Мислењето за Законот за употреба на јазиците, констатирала повисоки стандарди на заштита на малцинските права од европските.
Претседателката, се додава во соопштението, посочила на македонскиот евроинтеграциски парадокс, кога, по десетина позитивни годишни извештаи за почитување на правата на заедниците, за прв пат, во 2023 година, во Извештајот на бугарскиот пратеник Илхан Ќучук се констатира потребата од внесување на Бугарите во нашиот устав, врз основа на вториот записник/протокол на Македонско-Бугарската комисија за историски и образовни прашања, потпишан од министерот Османи и министерката Генчовска, иако во Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, таква одредба нема.
„Таа прашува: може ли со записник/протокол, двајца министри да ‘амандманираат’ билатерален договор; може ли услов од записник да стане дел од Заклучоците на Советот, а тоа да не се проблематизира и спори; може ли некоја држава да бара од друга промена на уставот, а да се заборави на филозофијата на Договорот за ЕУ, односно одредбите за почитување на: националниот и културниот идентитет на државите и нациите, уставните и политичките структури, интегритетот и дигнитетот на граѓаните; може ли некој во демократска држава да гарантира уставни измени, кога пратениците ги претставуваат граѓаните и гласаат по сопствено уверување?“,
додаваат во соопштението од Кабинетот на претседателката.
Сиљановска-Давкова го афирмирала и прашањето за односот на Бугарија кон пресудите на Судот за човекови права во Стразбург, во којшто има и свој судија.
Претседателката на Групата за пријателство Франција–Западен Балкан, Марта де Сидрак, изразила разбирање за состојбата во којашто се наоѓа земјава и ја потврдила француската поддршка за нејзината европска перспектива, потенцирајќи дека државите од Западен Балкан заслужуваат членство во ЕУ врз основа на мерит системот. Таа изразила уверување дека Групата за пријателство Франција–Западен Балкан ќе продолжи да го негува дијалогот, европските вредности и наследството на Робер Бадентер, како нејзин основач.
Инаку, делегацијата на Сенатот на Француската Република, предводена од Марта де Сидрак, сенаторка и претседателка на групата за пријателство Франција – Балкан, денеска во Собранието имаше средба и со Националниот совет за евроинтеграции.
Сенаторката Марта де Сидрак ги потврдила пријателските односи меѓу двете земји и нагласила дека Северна Македонија ја има континуираната поддршка од Франција на својот пат кон ЕУ, а воедно, ја истакнала и заложбата за поголема промоција на франкофонијата и зајакнување на соработката во областа на францускиот јазик и култура.
Во состав на делегацијата на Сенатот на Француската Република биле и сенаторите Арно Базен, Ален Милон и Лоранс Арибе, советникот Гијом Рендино и францускиот амбасадор во земјава, Кристоф Ле Риголер.

