Иако Преспанскиот договор беше главна причина за надминување на десетгодишната блокада на патот кон Алијансата, опозициската партија и во оваа честитка го користи старото уставно име на државата
ВМРО-ДПМНЕ попладнево упати честитка до македонските граѓани за официјализирањето на членството на земјава во НАТО. Од опозициската партија посочуваат дека тоа значи остварување на едена од стратешките цели на државата од нејзиното осамостојување.
Иако Преспанскиот договор беше главна причина за надминување на десетгодишната блокада на патот кон Алијансата, опозициската партија и во оваа честитка го користи старото уставно име на државата.
„ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани на Република Македонија и им го честита членството во НАТО, што преставува остварување на нашата стратешка определба и е резултат на исполнети реформи и вложен макотрпен труд на многу генерации претходно. НАТО претставува нашиот заеднички бедем и организација каде што Македонија може да ги реализира нејзините стратешки интереси“,
се наведува во честитката.
Според ВМРО-ДПМНЕ, како што се наведува и во честитката, реалноста е дека македонските граѓани денес се чуствуваат понижени и обесправени, со огромна потреба од промени кои ќе донесат стабилна иднина. Од опозициската партија сметаат дека се потребни реформи и нов политички израз кој, како што се наведува, ќе значи промена на сликата за криминал, растечка корупција и воспоставување на политика на принципи и вредности.
„ВМРО-ДПМНЕ како партија чиј фундамент е слободата, правдата и принципите ќе продолжи да работи и да се бори за овие цели. Нашиот сон и нашата кауза за слободна и напредна Република Македонија е она на кое што се обврзуваме, а тоа значи дека нашата борба продолжува, затоа што Македонија го заслужува“,
се наведува во честитката.