Членството во НАТО, како и меѓусебната доверба меѓу нас и НАТО, беа недостижни во времето кога Ковачки и неговата партија беа на власт, велат од владејачката партија
Владејачкиот СДСМ му возврати на Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ, кој обвини денеска дека е скандалозно што нашата земја 2,5 години нема воен претставник во НАТО и што за тоа место е канидирано лице кои не успеало да добие безбедносен сертификат.
На барањата на Ковачки за одговорност од претседателот Стево Пендаровски и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, од СДСМ одговорија дека полковникот кој е член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ е последен кој може да зборува за довербата на НАТО во Северна Македонија. Според СДСМ, Ковачки е воено лице кое континуирано се обидува да ја наруши таа доверба и во партиски интерес се обидува да ги наруши угледот на државата и на Армијата.
„Членството во НАТО, како и меѓусебната доверба меѓу нас и НАТО, беа недостижни во времето кога Ковачки и неговата партија беа на власт. Тие се сработија токму кога тие заминаа во опозиција и тоа од владата која толку сакаат да ја плукаат. Срамно е овие теми да ги злоупотребува поранешен шеф на воено разузнавање за ситни партиски поени. Срамно е да се биде во редовите на Армијата, а да се работи против неа и против својата земја. Ја држевте земјата 11 години во изолација, ги држевте војниците на плата пониска од просечната, во бедни услови, заборавивте на НАТО. Сега кога сме членка на НАТО, кога војниците се финансиски обезбедени и мотивирани, се обидувате да злоупотребите безбедносни процедури да го урнисате авторитетот на вашите колеги, на Армијата и државата. Нема да успеете“,
се наведува во реакцијата од СДСМ.