Неколку неправилности, од кои дел и за непочитување на протоколите за заштита од ковид-19, констатирале инспекторите во текот на вчерашната вечер, велат од Пазарниот инспекторат за „360 степени“.
Во два локали во Тетово, биле констатирани неправилности, од кои во едниот интервенирала и полицијата и имало и приведувања. Кафе-бар во кој имало жива музика работел и после 1 часот, а конфликтот настанат со еден од гостите кои на инспекторите им се претставувал како советник на премиерот Зоран Заев.
За овој локал, вели директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски, ќе се преземат мерки и ќе се издаде забрана за работа од 10 до 30 дена поради непочитување на работното време, а ќе постапува и полицијата.
За овој инцидент се огласија и од МВР преку дневниот полициски билтен. Тие велат дека имало приведување во еден угостителски објект во Тетово откако тројца инспектори пријавиле дека биле омаловажувани од 45-годишен тетовец со иницијали С.А.
„На 05.09.2020 во 01.45 часот во угостителски објект во Тетово од полициски службеници од Полициска станица Тетово бил приведен С.А.(45) од Тетово. На 05.09.2020 во Полициска станица Тетово, Ф.И.(40) од с.Џепчиште, Г.А.(38) од с.Слатино и И.И.(31) од Тетово во својство на службени лица од Државен пазарен инспекторат во Тетово пријавиле дека околу 01.10 часот додека преземале службени дејствија за контрола на работно време во угостителски објект на ул.Борис Кидрич во Тетово биле омаловажувани од С.А. од Тетово, кој агресивно се однесувал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
пишува во полицискиот билтен.
Журки имало и во Струга, каде Пазарниот инспекторат, исто така, констатирал неправилности во два локали. Едниот ќе добие прекршочна пријава, додека за другиот, каде имало забава со над 300 луѓе, спротивно на протоколите, најверојатно ќе се поднесе и кривична пријава.
До редакцијата на „360 степени“, пристигнаа и реакции од читатели за локал во Куманово каде без маски и дистанца синоќа имало забава. Од Пазарниот инспекторат, пак, велат, дека се запознаени со случајот, но кај овој локал веќе имале свои инспектори па кога почнала забавата околу 23:30 часот и гостите се раздвижиле прекршувајќи ги протоколите, веднаш реагирале.
Екипа инспектори синоќа имало и кај струмичкиот клуб „Аватар“ кој изминатиот период ги прекрши протоколите, беше затворен, но повторно почна со работа откако се пререгистрира во кафуле. Меѓутоа, тврдат од Пазарниот инспекторат, синоќа во овој локал имало околу 200 луѓе односно во рамки на дозволеното, сите биле седнати на маси и се почитувале протоколите.