Локацијата за изградба е избрана во близина на Скопје, а Министерството за транспорт работи на подготовка на урбанистичката документација. Во тек се и разговори со потенцијални кредитори и меѓународни партнери за реализација на проектот, кој е дел од Реформската агенда и Планот за раст, со предвидена грант-компонента од 30 отсто
Изградбата на националниот дата-центар, кој е еден од главните приоритети на Министерството за дигитална трансформација, може да почне во 2027 година доколку процедурите се одвиваат според планираното. Ова вечерва го најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во интервју за телевизија Сител, при што посочи дека локацијата за изградба е избрана во близина на Скопје, а Министерството за транспорт работи на подготовка на урбанистичката документација.

Најави дека во тек се и разговори со потенцијални кредитори и меѓународни партнери за реализација на проектот, кој е дел од Реформската агенда и Планот за раст, со предвидена грант-компонента од 30 отсто.
Во однос на можноста за изградба на приватни дата-центри, Андоновски рече дека се разговара со потенцијални инвеститори, но нагласи дека нема да се поддржуваат проекти што би имале негативно влијание врз животната средина.
Дигиталните услуги преку мобилна апликација
Министерот се осврна и на новата мобилна апликација „м.Услуги“, чија цел е граѓаните да можат преку телефон да пристапуваат до услугите на околу 100 институции. Апликацијата ќе биде бесплатна за преземање, а нејзиното користење нема да биде задолжително.
Андоновски појасни дека апликацијата нема да биде единствениот начин граѓаните да добиваат информации или да пристапуваат до јавните услуги. Проектот чини околу 1,5 милиони евра, средства обезбедени преку грант од програмата „Дигитална Европа“, без користење пари од државниот буџет.
Во врска со дигиталните лични документи, тој посочи дека е потребно усогласување на законската регулатива. Податоците во апликацијата ќе се преземаат директно од системите на Министерството за внатрешни работи, што значи дека промените ќе се прикажуваат веднаш. Така, доколку личната карта биде блокирана или пријавена како изгубена, или доколку возачката дозвола биде суспендирана, апликацијата ќе го одрази тој статус, за разлика од физичките документи.
„Податоците во оваа апликација, за разлика од сите други, се влечат во живо од МВР. Што значи дека ако личната карта е блокирана, изгубена или пријавена за изгубена, или ако возачката дозвола има забрана, тоа во истиот момент ќе се покаже. Нешто што не е случај со пластичните картички“,
рече тој.
Говорејќи за заштитата на личните податоци, министерот оцени дека дигиталното решение обезбедува повисоко ниво на контрола од традиционалното користење фотокопии од лични документи.
„Јас тврдам дека се позаштитени отколку хард-копи документите затоа што никој од нас не знае ако во одредена институција сме оставиле фотокопија од лична карта, колку пати таа е прекопирана. Во оваа апликација ако го покажете кјуар-кодот со вашите податоци, кога друг ќе го скенира со истата апликација, вас ќе ве праша дали дозволувате и ако дозволите тој ќе пристапи. Но вие имате и лог и информација точно во кој момент и кое лице пристапило до информациите“,
појасни министерот.
Оптимизам за укинување на роамингот со ЕУ
Во интервјуто Андоновски зборуваше и за преговорите со Европската Унија за воведување принцип „роаминг како дома“, при што оцени дека во последниот период тие се поактивни. Тој изрази оптимизам дека преговорите би можеле да завршат до крајот на годината, по што би следувало и усогласување на законската регулатива.
Закон за вештачка интелигенција догодина
Министерот информира дека е објавена Националната стратегија за употреба на вештачката интелигенција, која е отворена за консултации. Усвојувањето закон за вештачка интелигенција е планирано за следната година.
Според Андоновски, државата не може директно да влијае врз глобалниот развој на моделите за вештачка интелигенција, но може да воспостави правила за нивната употреба. Како една од можните мерки, тој ја посочи обврската порталите, телевизиите и другите медиуми да означуваат содржини создадени со вештачка интелигенција, со цел да се спречат злоупотреби.
