Како што објави „Волстрит журнал“, Орбан покажал интерес за функцијата, но останал воздржан. Наводно, тој не би сакал да влезе во трката доколку нема реални изгледи за победа. Евентуалната официјална поддршка од Трамп и потпретседателот Џеј-Ди Венс би можела да биде објавена по изборите за американскиот Конгрес на средината на претседателскиот мандат
Унгарскиот премиер Петер Маѓар остро ја критикуваше можноста неговиот претходник Виктор Орбан да биде кандидат за генерален секретар на Обединетите нации, при што оцени дека таквиот избор би водел кон уништување на светската организација.

„Обединетите нации не се криминална организација и не треба да ги води шеф на мафија“,
изјави Маѓар по средбата со чешкиот премиер Андреј Бабиш, пренесе Радио-телевизија Србија (РТС).
Маѓар посочи и дека тројца високи функционери на партијата на Орбан веќе се во затвор.
Неговата реакција следува по најавите дека Соединетите Американски Држави би можеле да ја поддржат кандидатурата на Орбан, со поддршка од Русија и Кина. Тоа би било прва реакција од Будимпешта на шпекулациите за можната кандидатура на поранешниот унгарски премиер за оваа функција.
За наследник на актуелниот генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш, се разгледуваат осум кандидати. По шест круга прелиминарни гласања во Советот за безбедност, сè уште нема кандидат што ја добил поддршката на клучните членки на ова тело.
Меѓу кандидатите се Каролин Родригез Биркет од Гвајана, Ребека Гринспан од Костарика и директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Гроси.
Поранешната чилеанска претседателка Мишел Башеле се повлече од трката по третиот круг тајно гласање во септември, додека неодамна во трката се вклучи и Лана Нусејбе од Обединетите Арапски Емирати.
Орбан, кој ја загуби власта на изборите во април од лидерот на партијата Тиса, Петер Маѓар, ја водеше Унгарија 16 години. Освен со американскиот претседател Доналд Трамп, имаше блиски односи и со рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Си Ѓинпинг.
Според „Фајненшл тајмс“, Велика Британија и Франција, како постојани членки на Советот за безбедност на ОН, би можеле да се спротивстават на кандидатурата на Орбан.
Како што објави „Волстрит журнал“, Орбан покажал интерес за функцијата, но останал воздржан. Наводно, тој не би сакал да влезе во трката доколку нема реални изгледи за победа. Евентуалната официјална поддршка од Трамп и потпретседателот Џеј-Ди Венс би можела да биде објавена по изборите за американскиот Конгрес на средината на претседателскиот мандат.
Орбан беше премиер во два периода, од 1998 до 2002 година и од 2010 до 2026 година. На изборите во април 2026 година ја загуби власта. Американскиот претседател Доналд Трамп претходно јавно го поддржа, а потпретседателот Џеј-Ди Венс отпатува во Унгарија за да учествува во кампањата во негова поддршка.
