По договорот Заев-Мицкоски, министерот за правда соопшти дека уште вчера биле пуштени во процедура измените со кои се допрецизира и употребата на скенерите за отпечатоци од прст за идентификација на гласачите
Измените во Изборниот законик со кои се прецизира набавката на скенери за земање отпечатоци од прсти и нивна употреба при гласање на избори се договорени и утврдени до Државната изборна комисија (ДИК) и уште од вчера се во Собранието.
Измените опфаќаат и менување на периодот на одржување на локалните избори, наместо во првата половина од октомври годинава, тие ќе се одржат во втората половина од овој месец.
„Тој текст на овие измени е целосно подготвен и може да биде веднаш на првата наредна седница, зависно од агендата на Собранието. За тоа ќе одлучи претседателот на Собранието, во координација со пратеничките групи“,
изјави денеска министерот за правда Бојан Маричиќ.
Текстот со кој се допрецизираат сите неопходни елементи за да може да се набави опремата за отпечаток на прст и таа да се стави во функција се договорени и утврдени со Државната изборна комисија и уште вчера беше во Собранието, изјави на денешната прес-конференција министерот за правда Бојан Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање за терминалите за отпечаток на прст за локалните избори.
Единствено што се дополнува на таа измена, нагласи Маричиќ, е менување на периодот за одржување на локалните избори од првата во втората половина на октомври оваа година, што значи дека тие би се одржале на 24 или на 30 октомври.
Употребата на скенерите со кои ќе се идентификуваат гласачите веќе беше вметната во Изборниот законик, но, како што појасни Маричиќ, таа не била доволна за операционализирање на процесот.
„За спроведување на определбата за отпечаток на прст, ние во изминатиот период во рамки на работната група во Министерството за правда и во тесна соработка со ДИК формулиравме конкретни измени, кои практично ги допрецизираат сите неопходно елементи за да може да се набави опремата за отпечаток на прст и таа да се стави во функција и притоа да имаме, детално образложена постапка како ќе се употребува на денот на гласањето, каков статус ќе има и во кои ситуации ќе може да биде заменета“,
изјави Маричиќ кој додаде дека понатаму ДИК во соработка со МВР ќе треба да дефинира одредени елементи, со оглед дека Министерството е единственото кое располага со отпечатоците за прсти.
Ваквите измени беа договорени на вчерашната средба помеѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
Што се случува со другите најавени измени во Изборниот законик
Ова е само еден дел од измените во Изборниот законик кој вчера беше тема на разговор помеѓу Заев и Мицкоски. Понатаму треба да следува друга фаза со која ќе се вметнат и препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Маричиќ вели дека и за ова работната група во Министерството интензивно работела и ги разработила сите препораки, а сега останува партиите да ги погледнат предлозите и да донесат одлука во која форма тие ќе се имплементираат во Изборниот законик.
Покрај споменатите, по вчерашната средба со Мицкоски, Заев пред медиумите зборуваше и за измени во однос на изборните модели – избор на градоначалник во еден круг, по предлог на ВМРО-ДПМНЕ и отворени листи за советници на локалните избори, по предлог на власта. Премиерот ги охрабри партиските работни групи да ги продолжат разговорите и за овие прашања, како и за воведување една изборна единица на парламентарните избори.
Меѓутоа, дискусијата за изборните модели и отворените листи, сè уште не е започната. Маричиќ денеска изјави дека вакви измени би треба да почне да се разгледуваат наскоро откако ќе заврши разгледување на предложените измени според препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Одложувањето на пописот утре во Собрание
Заев и Мицкоски вчера договорија и одложување на пописот кој, наместо од 1 до 21 април 2021, ќе се спроведе од 5 до 30 септември годинава. Овие измени се очекува денеска да поминат на владина седница и со европско знаменце по скратена постапка да се испратат до Собранието.
Очекувањата на Маричиќ се дека тие би можеле да се усвојат уште утре.
Меѓутоа, околу оваа точка, денеска несогласување изрази коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива, која најави дека ќе го искористи Бадентеровиот принцип да го блокираат одложувањето на пописот.