Ќе покажеме разбирање за сите барања на опозицијата кои се разумни и рационални, како што тоа го направивме денеска, изјави премиерот, по средбата со главниот политички опонент
Премиерот Зоран Заев нагласи дека е многу задоволен од исходот на денешните разговори очи в очи со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, во изјава по двочасовната средба во Клубот на пратеници.
„Ќе покажеме разбирање за сите барања на опозицијата кои се разумни и рацинални, како што тоа го направивме денеска“,
изјави Заев.
За пописот и вакцинацијата
Тој потврди дека пописот се одложува за септември и дека, наместо 21, ќе трае 25 дена ( од 5 до 30 септември) поради почетокот на масовната имунизација в среда, за што рече дека се очекува до крајот на април да бидат обезбедени 350 илјади вакцини. Во меѓувреме, ќе тече самопопишувањето на дијаспората, односно македонските државјани во странство ќе може да се попишуваат до крајот на септември, со оглед на тоа што овој процес е веќе почнат.
Заев рече дека на паузата, се консултирал со претседателот Стево Пендаровски и со спикерот Талат Џафери, како и со министерот за правда и со директорот на Државниот завод за статистика, но и со коалициските партнери ДУИ и Беса. За среда, пак, најави средба со Алијанса за Албанците и Алтернатива, како што рече, на нивно барање, а на која ќе се разговара и за законот за државјанство.
За одложувањето на пописот, појасни Заев, ќе треба да се направат измени на Законот за попис, за што очекува поддршка од сите партии.
За изборите и Изборниот законик
Поради пописот, се пролонгираат и локалните избори, така што, наместо во првата половина на октомври ќе се одржат на крајот на овој месец. Според тоа, кампањата ќе почне веднаш по завршувањето на пописот, а вториот круг ќе се одржи во првата половина на ноември.
Во однос на изборната регулатива, премиерот посочи три теми за кои се разговарало: Првата е набавката на опремата за идентификација на гласачите со отпечаток од прст, за што, како што рече, утре утре ќе почне постапката за измени во Изборниот законик во Собранието.
Втората тема се препораките од ОБСЕ/ОДИХР. Заев, исто така, рече дека ги охрабруваат работните групи на партиите да ги продолжат разгворите за унапредување на изборната регулатива, така што ќе ги отворат прашањата за избор на градоначалнициво еден круг, како што бара ВМРО-ДПМНЕ, но и за отворени листи за советници, како што предлагаат владејачките партии. Исто така, рече Заев, во однос на парламентарните избори, треба да се разгледа предлогот на СДСМ и на помалите партии за една изборна единица.
За Собранието и законите
Договориме, нагласи Заев и деблокирање на Собранието, што е особено важно за граѓаните.
Како што рече, се очекува да бидат одблокирани закони, како за Клиничкиот центар, за продолжување на рокот за легализација на бесправни градби, за петтиот пакет мерки, за АВМУ и МРТВ, законите од екологијата, за пензионирање со 64 години… што се заглавени долго време во парламентот.
„Дури и се согласивме дека имаме стабилно мнозинство, како што се потврди неодамна и во Собранието и дека одговорноста е најголема кај оној кој добил обврска да ја води државата. Многу ми е мило што лидерот на ВМРО–ДПМНЕ покажа доблест за деблокирање на Собранието“,
оцени премиерот.