Прашањето на пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, кои се фирмите или фирмата која ги обезбедила дополнителните над 600 илјади евра за прославата, заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски рече дека треба да биде поставено до „Државна лотарија“
Пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, денеска на седницата за пратенички прашања во Собранието побара отчет од власта за потрошените 5,53 милиони евра за прославата по повод 35-годишнината од независноста на земјава.

Во прашањето адресирано до заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, тој праша дали Собранието на акционери на АД „Државна лотарија“ одржало седница на која било одобрено користењето 300 милиони денари од нераспределената добивка за финансирање на прославата. Ако е одржана, тој побара да се објават датумот на седницата, донесената одлука и сите детали поврзани со распределбата на добивката.
Спасовски праша и дали се пресметани, пријавени и платени сите применливи даноци поврзани со организацијата и реализацијата на прославата, колкав е точниот износ на платениот данок, како и кои се фирмите или фирмата што ги обезбедила дополнителните околу 40 милиони денари, односно над 600 илјади евра за прославата.
„Ако сите овие податоци бидат изнесени јавно, транспарентно, потврдени со документи, мислам дека можеби ќе се расчистат работите и нема да се зборува во јавност, да се шпекулира, да се нагаѓаат дали биле тоа провизии, дали биле потрошени наменски пари и така натаму и така натаму“,
рече Спасовски на денешната седница за пратенички прашања.
Во одговорот до пратеникот од СДСМ, заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски рече дека јавноста веќе добила одговори преку прес-конференцијата на раководството на „Државна лотарија“ и Владата, додавајќи дека доколку постојат сомнежи за евентуални нерегуларности, надлежните институции можат да ги испитаат.
На прашањето за средствата обезбедени од „Државна лотарија“, Јанкуловски рече дека постои одлука донесена од надлежен орган во акционерското друштво по претходно постапување по владин заклучок. Во одговор на второто прашање – за даночните обврски поврзани со прославата, заменик-министерот рече дека станува збор за прашање од техничка природа кое е во надлежност на УЈП и најави дека одговорот ќе биде доставен писмено.
Третото прашање, кое се однесуваше на компаниите што обезбедиле дополнителни средства за прославата, Јанкуловски рече дека треба да биде адресирано до „Државна лотарија“.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ изрази незадоволство од добиените одговори и оцени дека Министерството за финансии има обврска да располага со тие информации и да ги презентира пред Собранието. Тој побара писмено да бидат доставени податоци за фирмите кои донирале или спонзорирале средства, висината на нивните уплати и основот по кој тие средства биле обезбедени.
