Името на Пецов стана актуелно во јавноста откако непосредно по враќањето во државата, по извесен период поминат во бегство, беше уапсен неговиот адвокат и поранешен државен правобранител Фехми Стафа за примање поткуп за да го ослободи од притвор. Развојот на настаните поврзани со Пецов и Стафа ги исцртаа контурите на уште една корупциска афера – случајот со апелацискиот судија Ѓоко Ристов, во чиј семеен дом во Неготино на почетокот на годината беа пронајдени 350 000 евра во ѕид од кујната
Љупчо Пецов, познат по прекарот Ѓаволот, контроверзен бизнисмен кој се гонеше во предметот „Синџир“ како дел од организирана криминална група што затајувала данок, признал вина и добил условна казна од две години затвор, која нема да се изврши доколку во следните пет години не стори ново кривично дело.

Името на Пецов стана актуелно во јавноста откако непосредно по враќањето во државата, по извесен период поминат во бегство, беше уапсен неговиот адвокат и поранешен државен правобранител Фехми Стафа за примање поткуп за да го ослободи од притвор. Развојот на настаните поврзани со Пецов и Стафа ги исцртаа контурите на уште една корупциска афера – случајот со апелацискиот судија Ѓоко Ристов, во чиј семеен дом во Неготино на почетокот на годината беа пронајдени 350 000 евра во ѕид од кујната. Стафа призна вина за примањето поткуп и беше осуден на една година и три месеци затвор, а против Ристов во тек е судски процес.
Инаку, Пецов за случајот „Синџир“ признал вина уште на 24 август, а бидејќи ниту една од странките не вложила жалба, пресудата со која е огласен за виновен станала правосилна пред три дена, односно на 21 септември.
За признавањето вина и за пресудата од Основниот кривичен суд Скопје информираа денеска.
Оттаму соопштија дека покрај условната казна на Пецов му е изречена и парична казна од 8 000 евра, како и споредна казна со која му се забранува да основа и управува со фирма во траење од 10 години.
Парична казна е изречена и за фирмата поврзана со обвинетиот која е во стечај.
„На обвинетото правно лице ДУТУД А.К.А.П. ДООЕЛ, кое е во стечај, му се изрекува парична казна во износ од 1 000 000 денари, а воедно му се изрекуваат и споредни казни – забрана за добивање дозвола, лиценца и концесија утврдени со посебен закон, забрана за учество во постапка за јавен повик и забрана за основање нови правни лица сите во траење од 5 години“,
велат од Кривичниот суд.
Од судот наведуваат и дека при определување на казната на Пецов, превид била земена обврската за обезбедување процесна избалансираност во однос на останатите обвинетите во овој комплексен кривично-правен случај кои исто така ја признаа вината, ја надоместиле паричната штета и во раздвоените постапки им било изречена исто така алтернативна мерка.
Пецов, Стафа и Ристов
Инаку, Љупчо Пецов-Ѓаволот беше еден од обвинетите за финансиски криминал во „Синџир“, случај кој беше отворен кон крајот на октомври 2023 година. Во истрагата беа опфатени 26 лица, сопственици и управители на 28 фирми. Тие беа осомничени, а потоа и обвинети дека создале шема за даночно затајување. Според истрагата, тие преку издавање фактури со ДДВ за наводно извршени набавки, кои не постоеле, го оштетиле државниот буџет за околу осум милиони евра.
Пецов избега од државата, но кон крајот на декември лани се врати во земјава и им се предаде на органите на прогонот. Неговото предавање дојде неколку дена откако во акција на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) беше уапсен неговиот адвокат и поранешен државен правобранител Фехми Стафа. Тој заврши во притвор откако беше фатен со 50 000 евра мито за да влијае кај судија во Апелацискиот суд Скопје на Пецов да му биде замената мерката притвор со куќен притвор.
И додека Стафа ги издржуваше првите денови во притвор, на Пецов претходно изречената мерка, која ја потврди и скопска аспелација, му беше замената со куќен притвор.
Во јануари годинава во акцијата на ОЈО ГОКК и МВР беше уапсен апелацискиот судија Ѓоко Ристов откако во неговиот семеен дом во Неготино зад плочките во кујната беа најдени заѕидани 350 000 евра. Како што соопштија тогаш од ОЈО ГОКК на брифинг со новинарите, сите информации поврзани со истрагата за Ристов почнале да добиваат смисла, односно контурите на случајот почнале да се исцртуваат со апсењето на Фехми Стафа, но истрагата не потврди дали парите што ги барал Стафа требало да завршат кај судијата.
И додека Пецов нема да оди затвор по признавањето вина, неговиот адвокат е осуден на една година и три месеци затвор за примањето поткуп откако самиот призна вина, а во тек е судскиот процес против судијата Ристов, кој се гони за прикривање имот и за перење пари.
Инаку, пред два дена на органите на прогонот им се предал и Стојан Чифлигароски, битолски бизнисмен кој исто така беше обвинет во случајот „Синџир“.
