Како што пренесува ТВ Телма, спогодбата е склучена доцна попладнево и Стафа, по признавањето вина за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание, ќе биде осуден на казна затвор од една година и три месеци. Спогодбата треба да биде потврдена и од надлежните судски инстанци
Поранешниот државен правобранител и актуелен адвокат Фехми Стафа призна вина за кривичното дело примање награда за противзаконско влијание, за што се гони и се наоѓа во притвор во кумановскиот затвор, соопштија од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), објави телевизијата Телма.

Претходно, порталот „Скопје 1“ објави дека меѓу ОЈО ГОКК и Стафа е склучена спогодба, што подоцна беше потврдено и од Обвинителството.
Како што пренесува ТВ Телма, спогодбата е склучена доцна попладнево и Стафа, по признавањето вина за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание, ќе биде осуден на казна затвор од една година и три месеци.
Спогодбата треба да биде потврдена и од надлежните судски инстанци.
Пo спроведена истрага, ОЈО ГОКК на 20 март до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против Стафа за кривичното дело примање награда за противзаконско влијание.
Поранешниот државен правобранител беше уапсен на 13 декември минатата година, во рамките на постапка што против него ја поведе ООЈО ГОКК, поради основано сомнение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание. Досега Стафа помина повеќе од четири месеци во притвор.
Како што информираа тогаш од Обвинителството, во периодот од октомври до 13 декември, осомничениот Стафа примил вкупно 50 000 евра за да посредува и да влијае кај судија во Апелацискиот суд Скопје во врска со предмет што се водел против негов клиент, односно лице што го застапувал како адвокат.
Стафа беше лишен од слобода непосредно по примањето на парите, при што кај него се пронајдени и одземени паричните средства.
Инаку, лицето за кое поранешниот државен правобранител требало да издејствува укинување на мерката притвор е осомничениот во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов, познат по прекарот Ѓаволот.
Стафа, кој е адвокат на Пецов во овој случај, неколку месеци претходно поднел барање за замена на мерката притвор со куќен притвор во отсуство на Пецов, за што била понудена и гаранција.
Неколку дена по апсењето на Стафа, поточно на 16 декември, Пецов, кој дотогаш беше во бегство, самиот им се предаде на органите на прогонот и веднаш беше изведен пред судија на претходна постапка.
Љупчо Пецов-Ѓаволот е еден од обвинетите за финансиски криминал во „Синџир“, случај што беше отворен кон крајот на октомври 2023 година. Во истрагата беа опфатени 26 лица, сопственици и управители на 28 фирми. Тие беа осомничени, а потоа и обвинети дека создале шема за даночно затајување. Според истрагата, тие преку издавање фактури со ДДВ за наводно извршени набавки, кои не постоеле, го оштетиле државниот буџет за околу осум милиони евра.
