Измените во Законот за попис, со кои оваа статистичка операција ќе се одложи за во септември, се подготвуваат и денеска се очекува да се усвојат на владината седницата.
Министерот за правда Бојан Маричиќ вели дека станува збор за две мали измени за кои не треба премногу време – датумот на пописот и рокот за попишување на дијаспората. Заради итноста, тој ќе предложи Владата да го усвои и ќе го испрати во Собранието со европско знаменце и скратена постапка, како што беше и првично предложен.
„Датумот на пописот е во една одредба и, наместо од 1 до 21 април, ќе го ставиме од 5 до 30 септември и делот дека дијаспората ќе може да продолжи да се попишува од 1 март, кога почна, до 30 септември, кога треба да заврши теренскиот дел на пописот“,
рече Маричиќ.
Измените министерот рече дека ги разгледувал со директорот и заменик-директорот на Државниот завод за статистика. Понатаму, очекува пратениците со добра организација да го усвојат утре.
„Очекувам, доколку Владата ги усвои на денешната седница, веднаш да ги испратиме во Собранието. Доколку претседателот на Собранието и координаторите направат добар план, сосема е изводливо во наредните денови, односно утре, овој закон да биде усвоен“,
изјави Маричиќ.
Договор за одложување на пописот падна вчера на средбата помеѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Двајцата се согласија пописот на резидентното население, наместо од 1 до 21 април, да се спроведе од 5 до 30 септември годинава.
Во меѓувреме, ќе тече самопопишувањето на дијаспората, односно македонските државјани во странство ќе може да се попишуваат до крајот на септември, со оглед на тоа што овој процес е веќе почнат.
Според изјавите на Заев, биле консултирани претседателот на Собранието, Талат Џафери, претседателот Стево Пендаровски, министерот за правда Бојан Маричиќ и директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, но и најголемите коалициски партнери на СДСМ, ДУИ и Беса.
Партиите од албанскиот опозициски блок, Алијанса за Албанците и Алтернатива, пак, денеска излегоа на прес-конференција со став дека се против одложување на пописот.