Според Левица, евентуална идна пресуда од Стразбур против државата ќе претставува професионален срам за домашните правници кои одбиле да ја земат предвид поставената европска јуриспруденција, укажувања од институции и очигледната политичка нееднаквост во изборниот процес

Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за одредбите од Изборниот законик со кои се уредуваат пристапот до медиумскиот простор и распределбата на јавните средства за платено политичко рекламирање. Ваквата одлука предизвика реакција од политичката партија Левица, која беше подносител на иницијативата.
Од Левица посочуваат дека со оспорените одредби се создава систем во кој политичките субјекти не влегуваат во изборната трка под еднакви услови. Според партијата, одредени субјекти однапред добиваат привилегиран пристап до јавни пари и медиумски простор, додека тие се целосно исклучени и од финансиските средства и од можноста за платено политичко рекламирање.
Од партијата велат дека наместо да го отворат прашањето за дискриминација и цензура, мнозинството уставни судии се повикале на своето претходно одлучување и заклучиле дека нема основа за поведување постапка.
„Со други зборови, пред Судот беше поставено едно од најелементарните прашања на изборната демократија: Може ли државата со јавни пари да произведува различна политичка видливост за партии кои се натпреваруваат за истиот глас, па дури и до степен некој да биде тотално исклучен од таа можност? Уставниот суд одлучи ова прашање повторно да го заклучи во фиока“,
стои во партиското соопштение.
Од Левица потсетуваат на европската судска пракса и на предмет од 1986 година пред Судот на правдата на ЕУ (C-294/83, Les Verts v European Parliament). Во овој случај, европското правосудство зазеде став дека правилата за изборна конкуренција не смеат да произведуваат неоправдано различен третман или системски механизми кои доведуваат до de facto дискриминација и фаворизирање на доминантните партии.
„И како авторитативен правен стандард и задолжително начелно правно мислење (лат. opinio iuris) се проширува концептот на системска недискриминација и се наведува дека секое ограничување на пристапот до ресурси, медиуми или партиципација во изборниот процес може да биде толкувано како форма на дискриминација спротивна на принципите на оваа Пресуда“,
се додава во соопштението од Левица.
Од партијата истакнуваат дека вчерашното гласање не го завршува правниот спор, туку го отвора патот предметот да биде пренесен пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Според Левица, евентуална идна пресуда од Стразбур против државата ќе претставува професионален срам за домашните правници кои одбиле да ја земат предвид поставената европска јуриспруденција, укажувања од институции и очигледната политичка нееднаквост во изборниот процес.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, по вчерашната седница рече дека мнозинството судии останале на ставот дека станува збор за веќе пресудена работа, бидејќи истите одредби претходно биле предмет на уставносудска оцена.
Посочи оти лично смета дека оспорените одредби се неуставни и создаваат нееднакви услови за политичките субјекти.
Потсети дека уште пред три години го кажал своето мислење, кое и сега е непроменето, дека спорните одредби од Изборниот законик ги нарушуваат политичкиот плурализам и еднаквоста на политичките субјекти во изборниот процес.
Инаку, мнозинството судии се повикале на одлуката на Уставниот суд од 2023 година, донесена по иницијатива на лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, со која било оценето дека распределбата на средствата за политичко рекламирање и медиумски простор според резултатите од претходните избори е уставна.
Судот тогаш заклучил дека освоените гласови се објективен критериум и дека Собранието има право да ги утврдува правилата за медиумско претставување на политичките партии.
