Костадиновски по денешната седница рече дека мнозинството судии останале на ставот дека станува збор за веќе пресудена работа, бидејќи истите одредби претходно биле предмет на уставносудска оцена
По негово лично убедување, рече дека овие законски решенија не обезбедуваат еднакви услови за сите политички субјекти, бидејќи плурализмот подразбира фер изборен натпревар
Уставниот суд не поведе постапка по иницијативата на политичката партија Левица за уставноста на одредбите од Изборниот законик поради кои партијата беше исклучена од платеното политичко рекламирање на последните локални избори што се одржаа минатата година.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, по денешната седница рече дека мнозинството судии останале на ставот дека станува збор за веќе пресудена работа, бидејќи истите одредби претходно биле предмет на уставно-судска оцена.
„Судот не поведе постапка. Некои од судиите останаа конзистентни на претходно заземениот став дека станува збор за res judicata, односно пресудена работа“,
рече тој.
Посочи оти лично смета дека оспорените одредби се неуставни и создаваат нееднакви услови за политичките субјекти.
Потсети дека уште пред три години го кажал своето мислење, кое и сега е непроменето, дека спорните одредби од Изборниот законик ги нарушуваат политичкиот плурализам и еднаквоста на политичките субјекти во изборниот процес.
„По мое длабоко убедување, овие законски решенија не создаваат фер и еднакви услови за сите учесници во изборната трка. Плурализмот не завршува со денот на изборите. Тој подразбира еднакви услови за сите политички субјекти што учествуваат во демократскиот натпревар“,
вели Костадиновски.
Како според Костадиновски го оцени критериумот за распределба на буџетски средства за финансирање на политичките партии, кој се темели на резултатите од претходните избори.
„Ако меѓу два изборни циклуса се формира нова политичка партија, таа практично нема можност да добие средства според постојниот модел. Со тоа почнува од значително понеповолна позиција во однос на другите учесници, а тоа отвора прашања за еднаквоста на изборниот натпревар“,
кажа претседателот на Уставен.
Инаку, мнознството судии се повикале на одлуката на Уставниот суд од 2023 година, донесена по иницијатива на лидерот на Демократскиот сојуз, павле рајанов, со која било оценето дека распределбата на средтсвата за политичко рекламирање и медиумски простор според резултатите од претходните избори е уставна.
Судот тогаш заклучил дека освоените гласови се објективен критериум и дека Собранието има право да ги утврдува правилата за медиумско претставување на политичките партии.
Оспорените одредби од Изборниот законик, според подносителот Левица, промовираат дискриминаторски пристап од аспект на достапноста на медиумскиот простор и распределување на јавните финансиски средства за платено политичко рекламирање.
Левица во иницијативата наведе и дека во практиката произволно се толкува и двете најголеми партии од позиција и опозиција добиваат најмногу време, на штета на останатите помали партии, со што на овој начин четирите најголеми партии – по две од власта и две од опозицијата, добиваат привилегиран пристап до медиумите и државните средства, а останатите парламентарни партии се потполно исклучени.
По ова, од Левица излегоа со соопштение во кое ја критикуваат одлуката на Уставниот суд, оценувајќи дека со неа не била разгледана, како што наведуваат, дискриминацијата врз партијата.
„Оваа одлука мора да се чита политички! Уставниот суд денес не поведе постапка за една евидентна политичка дискриминација и цензура. Со тоа уште еднаш покажа дека е целосно неспособен да ја извршува функцијата за која постои. Наместо коректив на власта, Судот се претвора во нејзин продолжен апарат – продолжена рака на ДПМНЕ и чувар на статус квото во Македонија. Ако за ваков случај, со ваква промена на фактичката состојба и со сите укажувања од релевантните институции, нивниот одговор е дека ‘нема што да се разгледува‘, тогаш навистина треба да се запрашаме што воопшто разгледуваат“,
се вели во рекацијата од Левица.
Оттаму оценуваат дека актуелната состојба се разликува од онаа за која Уставниот суд одлучувал во 2023 година.
„Тогаш немаше парламентарна партија која беше исклучена од платеното политичко рекламирање. Во 2025 година, таква партија постоеше – Левица. Во меѓувреме беше создаден и фактички применет модел во кој парламентарна партија со своја пратеничка група, надвор од двете најголеми политички групации, остана без пристап до ова право. Оттука, повикувањето на старата одлука како „пресудена работа“ не може да го избрише фактот дека денес пред Судот стоеше нова политичка и фактичка состојба“,
додаваат оттаму.
Најавуваат дека ќе продолжат да го отвораат прашањето за еднаквите услови за политички натпревар и функционирањето на институциите.
