Со денешната одлука на Уставниот суд да не отвора постапка за одлуката за распуштање на парламентот, всушност, се анулира можноста изборните дејствија да се вратат од почеток
Мошне извесно е дека во првата половина од летото ќе се одржат предвремените парламентарни избори за десеттиот собраниски состав, кои беа стопирани на 22 март поради кризата со коронавирусот.
Со денешната одлука на стручниот колегиум на Уставниот суд да не отвора постапка за оценување на уставноста на Одлуката за распуштање на парламентот, поради тоа што една слична иницијатива за тоа е веќе одбиена, всушност, се анулира можноста изборните дејствија да се вратат од почеток. Сега, изборите треба да продолжат таму каде што застанаа, односно на самиот старт од кампањата, додека во случај одлуката на Уставниот суд да беше поинаква ќе се наметнеше потреба или за носење нова одлука за распуштање на парламентот или за пролонгирање на изборите до редовните термин за нивно одржување, кои почнуваат од крајот на септември.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во вчерашното интервју за ТВ 24 рече дека првата половина на јули е најбрз можен термин кога би се создале услови за одржување избори.
СДСМ, пак, се залага за избори во најбрз можен рок, со оглед на нефункционалноста на клучните институции во овој момент, пред можниот нов бран на зараза наесен. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак, изјави за ТВ 24 дека јули е доцна за избори, затоа што треба да се имаат предвид и економските последици од кризата со коронавирусот.
ДУИ смета дека за одржување на парламентарните избори се клучни два критериума кои треба да се исполнат. Првиот е Комисијата за заразни болести да каже дека тој процес нема да го загрози здравјето на граѓаните, а вториот е изборниот процес да биде мониториран од ОБСЕ/ОДИХР.
Околу тоа кога ќе продолжат изборните дејствија ќе се разговара на лидерската средба, која се очекува да ја свика претседателот Стево Пендаровски на 12 мај – четири дена пред завршувањето на вонредната состојба која, пак, се очекува да не биде продолжена повторно со нова одлука.
Уредбата што ја донесе владата за „замрзнување“ на изборните дејствија предвидува изборите да продолжат веднаш по престанувањето на вонредната состојба. Сепак, треба да се најдат модалитети како ќе се врати назад постапката за ажурирање на Избирачкиот список, со оглед на очекуваните нови податоци за лица кои починале, стекнале полнолетство или се вратиле во земјава од странство… Исто така, треба да се реши како ќе се нормира новиот изборен термин, со оглед на тоа што сѐ уште е во сила решението на Талат Џафери за распишување на избори на 12 април, согласно Одлуката за распуштање на парламентот, која беше донесена на 16 февруари.