Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, вели дека ОДИХР многупати досега ги набљудувала изборите во земјава, па така и за следните избори посветено ќе го продолжат изборниот мониторинг.
Која ова го вели во интервју за МИА, одговорајќи на прашањето дали ОДИХР се подготвени да продолжат со најавената мисија, откако на почетокот на март на прес-конференција ја означија за отворена мисијата за предвремените парламентарни избори, кои требаше да се одржат на 12 април, но се одложија поради пандемијата на ковид-19.
Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на 3 март одржа прес-конференција на која најави дека со 250 краткорочни набљудувачи на денот на изборите, но и со претставници на парламентарните собранија на ОБСЕ и Советот на Европа, како и свои долгорочни набљудувачи, ќе го набљудува гласањето, кое се одложи поради тоа што земјава сега се справува со епидемијата.
ОДИХР во земјава досега набљудувала 18 избори, а кога ќе ја спроведе својата 19 мисија сè уште е неизвесно со оглед на состојбата со коронавирусот и неизвесноста кога би се одржале парламентарните избори.
Амбасадорот Која во интервјуто за МИА говори и за тоа како мисијата на ОБСЕ се справува со епидемијата на ковид-19.
Вели рестрикциите коишто произлегоа од состојбата со коронавирусот имаат влијание врз сите, но тоа е повеќе изразено кај некои групи на граѓани. Меѓу најранливите се жените, децата, лицата со попреченост, маргинализираните и раселените лица.
Која нагласи дека рестрикциите на движење на глобално ниво придонеле за пораст на семејното насилство, поради што Мисијата на ОБСЕ, заедно со МТСП и Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство работат заедно при справувањето со овој предизвик.