Министерот Филипче влезе во отворена вербална војна со опозицијата, која, саботирајќи го собранискиот кворум, го саботира и донесувањето на мерките за заштита од коронавирусот за кои се потребни законски измени, како што се носењето маска и на отворено и забраните за групирање и собирање
Додека Владата веќе подолго време ја користи можноста за онлајн-седници, Собранието не може да си дозволи таква комоција, затоа што нема консензус со опозицијата ниту за електронско гласање, барем на пратеници што се во изолација
Иако помина повеќе од една седмица откако Владата по скратена постапка ги усвои и ги пушти во собраниска процедура измените во Законот за заштита од заразни болести, пратениците никако да почнат расправа за мерите со кои се предвидуваат забрани за групирање во домовите и на јавен простор, како и носење заштитни маски речиси секаде, па и на отворен простор…
Додека секојдневно се зголемуваат бројките на новозаразени со ковид-19 и веќе се преоптоварени болничките капацитети, од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ вчера побараа за кусо да се одложи расправата за Законот за заштита на населението од заразни болести, за да имаат време подетално да ги разгледаат предложените измени. Но вечерта Извршниот комитет на партијата излезе со свој предлог: да се формира специјална комисија за справување со корона-кризата.
„Предложивме таа комисија да ја избира Собранието и да брои 11 члена. По функција тука би биле министерот за здравство и директорот за Центарот за управување со кризи, а во неа би членувале тројца инфектолози, двајца епидемиолози, двајца микробиолози и по еден имунолог и интернист“,
изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
Министерот за здравство Венко Филипче остро реагираше на предлогот, обвинувајќи ја опозицијата за неодговорност и несовесност и посочувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ сето ова време ја девалвира Комисијата за заразни болести.
„Барањето за формирање нова комисија која ќе ја избира Собранието е само начин да се прикаже наводна грижа и конструктивност и тоа е целосно неиздржано. Во Комисијата за заразни болести членуваат врвни професионалци, експерти во својата област. Од почетокот на кризата, сите одлуки, препораки и мерки на Комисијата за заразни болести се носат врз издржани епидемиолошки анализи и единство во интерес на заштитата на здравјето на граѓаните“,
напиша Филипче на Фејсбук.
ВМРО-ДПМНЕ во последните денови ги интензивира барањата за оставка од Филипче и ги зачести критиките кон Комисијата за заразни болести, обвинувајќи ги лекарите дека се политички инструирани.
Како можен термин за почеток на собраниската расправа за измените во Законот за заштита од заразни болести се спомнува 27 овој месец, за кога е закажана нова пленарна седница. Тогаш се очекува во парламентот да се вратат двајцата пратеници на мнозинството кои беа заразени со ковид-19, така што веќе не би било проблем да се обезбедат 61 глас во Собранието, освен во случај на нови позитивни или суспектни случаи во собраниските редови.
Од ВМРО-ДПМНЕ, сепак, најавуваат дека ќе присуствуваат на седницата на која ќе се расправа за новите мерки за заштита од ковид-19, за, како што велат, да обезбедат кворум, иако ќе бидат воздржани.
„Законот за заштита на населението од заразни болести и новите мерки за превенција од понатамошно ширење на вирусот може да бидат изгласани доколку тоа вистински го сака Филипче.
соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Крајно време е Филипче да прекине да бега. Филипче конечно треба да понесе одговорност. Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за специјална државна комисија за справување со пандемија, која ќе брои 11 члена, ќе биде поднесен како посебен предлог независно од предлогот за законски измени“,
Додека во политичката арена се води дебата за новите мерки за заштита од ковид-19 за кои се потребни и законски измени, а министерот Филипче влегува во сѐ поотворен конфликт со опозицијата, Владата вчера донесе одлука за други мерки кои ќе стапат во сила веднаш, затоа што за нив не се потребни законски измени.
Сепак, додека Владата веќе подолго време ја користи можноста за онлајн-седници, поради ситуацијата со ковид-19, Собранието не може да си дозволи таква комоција, затоа што нема консензус со опозицијата ниту за електронско гласање, барем на пратеници што се во изолација.
Владиниот портпарол Душко Арсовски, на денешната прес-конференција, на прашање на „360 степени“, повтори дека Владата не размислува да предложи вонредна состојба поради проблемите со кворумот во парламентот и застојот во донесувањето на мерките за заштита од ковид-19.
„Би го повторил ставот на премиерот Зоран Заев дека Владата не размислува за вонредна состојба, затоа што имаме активно Собрание. Само би апелирале до сите пратеници да покажат одговорност и да ги донесат законските измени за засилување на мерките за спречување на ширење на ковид-19“,
изјави Арсовски.
Пролетта, поради нефункционалноста на парламентот, откако беше распуштен претходниот состав, тогашната техничка влада, во неколку наврати, поднесуваше до шефот на државата предлози за прогласување вонредна состојба, кои претседателот Стево Пендаровски ги одобруваше. Со тоа ѝ беше овозможено на Владата да ја преземе законодавната функција, така што носеше уредби со законска сила, во најголем дел во контекст на справување со ковид-кризата.
Меѓутоа, прашање е овој пат дали би било изводливо прогласување вонредна состојба, со оглед на тоа што одлука за тоа (со двотретинско мнозинство), сега би требало да донесе парламентот, кој е во функција. Но пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не даде согласност ниту за потврда на петте одлуки за вонредна состојба што пролетта ги донесе Пендаровски.