Во последните 24 часа, во Србија се потврдени 236 нови случаи на коронавирус, на основа на 6 251 тестирани примероци, а починаа уште девет лица.
Според новите податоци на Министерството за здравство, бројот на пациенти на респиратори опаѓа, така што денеска има 106.
Во Србија досега се заразени вкупно 28 099 лица, а 641 пациенти починаа.
На Косово во последните 24 часа се потврдени 188 нови случаи на коронавирус, а починаа 12 лица, соопшти денеска Националниот институт за јавно здравје во Приштина.
Вкупниот број заразени лица се зголеми на 10 247, а починати се 327 лица, пренесува Косово онлајн. Во моментов има 3 967 активни случаи на коронавирус во Косово.
Во Бугарија се потврдени уште 134 случаи на ковид-19, што е за 61 помалку од претходниот ден, соопшти денеска Министерството за здравство. Вкупниот број потврдени случаи на инфекција достигна 13 343, вклучително и 749 медицински работници.
Уште три лица починале од коронавирусот, а вкупниот број смртни случаи од почетокот на пандемијата достигна 445.
Во последните 24 часа, потврдени се 233 нови случаи на инфекција со коронавирусот во Босна и Херцеговина. Според податоците на Федералниот институт за јавно здравје, во Федерацијата на БиХ, од 754 тестирани примероци, 184 се позитивни за ковид-19.
Во БиХ, Ковид-19 досега е потврден кај 8 536 лица. Во моментов, активни се 3 624 случаи на коронавирус. Во изминатите 24 часа, три смртни случаи биле пријавени во Институтот за јавно здравје на Федерацијата на БиХ. Вкупниот број смртни случаи во Федерацијата на БиХ од почетокот на пандемијата е 199.
Во Словенија, потврдени се два нови случаи на коронавирус од 304 тестирани примероци во изминатиот ден. Во истиот период почина едно лице. Досега се потврдени вкупно 2 249 случаи на коронавирус, а починале 127 лица. Хоспитализирани се 24 лица, од кои тројца се на интензивна нега.