По приложените докази од одбраната и појасните аргументи дадени на рочиштето на кое беше адресирано барањето на Обвинителството за определување мерка притвор, обвинителот кој го застапуваше предлогот се повлече од барањето. Алил Демири сега е на слобода, изјавил неговиот адвокат Бесник Бериша
Алил Демири, кој вчера беше уапсен од косовската полиција по меѓународна потерница, е ослободен, информира косовскиот портал „Сињали“.
Веста ја потврдил неговиот адвокат Бесник Бериша.
„По приложените докази од одбраната и појасните аргументи дадени на рочиштето на кое беше адресирано барањето на Обвинителството за определување мерка притвор, обвинителот кој го застапуваше предлогот се повлече од барањето. Алил Демири сега е на слобода“,
изјавил неговиот адвокат Бесник Бериша.
Адвокатот Бериша и вчера бил убеден дека притворот и апсењето на Демири се незаконски и дека претставуваат флагрантно кршење на неговите законски и уставни права.
Бериша синоќа изјавил дека Демири не може да биде екстрадиран во Северна Македонија бидејќи за барањето на македонските власти е одлучено и одбиено од косовскиот суд во двата случаи.
„Алил Демири е незаконски уапсен и задржан во притвор, врз основа на наредба на Интерпол за предмет кој веќе го води нашиот суд. Барањето на властите на РСМ за негова екстрадиција е веќе одлучено и одбиено од косовскиот суд во двете инстанци. Не може да биде екстрадиран во Северна Македонија и убеден сум дека утре ќе се врати кај семејството и пријателите“,
рекол вчера Бериша.
Како што информираше македонската полиција, Демири вчера бил уапсен во Косово врз основа на издадена меѓународна потерница за сторено кривично дело тероризам во врска со петкратното грозоморно убиство кај Смилковското Езеро.
Од Министерството за правда денеска соопштија дека барањето за екстрадиција на Демири од 2018 година е сѐ уште активно.
„За лицето Алил Демири побарани се две екстрадиции. Првпат од Република Косово е побарана екстрадиција на 15.3.2013 година. Барањето за екстрадиција беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година, потврдено и од Апелацискиот суд во Косово во јануари 2016 година. За Демири има официјален одговор од Косово во февруари 2016 година. Екстрадиција повторно е побарана на 5.9.2018 година. Во постапките сѐ што беше побарано од косовските власти беше доставено. Одговор за екстрадицијата од 2018 година не е добиен“,
соопштија од Министерството за правда.
Во случајот „Монструм“ на доживотен затвор осудени се Алил Демири и браќата Агим и Африм Исмаиловиќ. На 15 години затвор, пак, осуден е Фејзи Азири, а Хаки Азири доби девет години. Еден од петтемина обвинети, Сами Љута, пак, беше ослободен од обвинение.
Ваквата пресуда е правосилна и во повторено судење беше донесена од страна Основниот кривичен суд Скопје, а потоа беше потврдена и од Апелација.
Повторениот судски процес „Монструм“ следуваше откако во 2017 година Врховниот суд го врати случајот на почеток, со што предметот го презеде Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Во петкратното убиство на Велики четврток во 2012 година беа убиени рибарот Борче Стевковски и четворица матуранти: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски, Кире Трпковски.