Тој, според информациите добиени од косовската полиција, ќе биде изведен пред надлежен судија
Полицијата на Република Косово, денеска, во соработка со македонската полиција, во Косово го лиши од слобода Алил Демири (38) врз основа на издадена меѓународна потерница од МВР на РСМ, баран врз основа на наредба на Oсновниот суд Скопје 1, за сторено кривично дело „тероризам” предвидено по член 394 од Кривичен закон, во врска со петкратното грозоморно убиство кај Смилковското Езеро, информираат од МВР.
Тој, според информациите добиени од косовската полиција, ќе биде изведен пред надлежен судија.
Во случајот „Монструм“ на доживотен затвор осудени се Алил Демири и браќата Агим и Африм Исмаиловиќ. На 15 години затвор, пак, осуден е Фејзи Азири, а Хаки Азири доби девет години. Еден од петтемина обвинети, Сами Љута, пак, беше ослободен од обвинение.
Ваквата пресуда е правосилна и во повторено судење беше донесена од страна Основниот кривичен суд Скопје, а потоа беше потврдена и од Апелација.
Повторениот судски процес „Монструм“ следуваше откако во 2017 година Врховниот суд го врати случајот на почеток, со што предметот го презеде Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Двајца од осудените на доживотен затвор, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, се во бегство во Косово, а властите во Приштина со години одбиваат да ги екстрадираат.
Во петкратното убиство на Велики четврток во 2012 година беа убиени рибарот Борче Стевковски и четворица матуранти: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски, Кире Трпковски.