Кој е фикус, кој лажго, а кој се служи со навреди наместо со факти. И денеска продолжија политичките обвинувања за тоа кој сакал да го врати експремиерот пребеган во Унгарија, Никола Груевски. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторно го повикаа претседателот Стево Пендаровски да каже кој точно од него побарал амнестија за Груевски.
„Пендаровски да престане да се користи со флоскули и титули, туку јасно да излезе во јавноста – кој тоа се консултирал со него за амнестија, во спротивно ќе го сметаме за уште една пласирана лага од него. За жал, претседател на државата е фикус на власта и претседател – лажго“,
рече Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Од кабинетот на претседателот Пендаровски одговорија дека токму ВМРО-ДПМНЕ поддржале претседател кој бил фикус на власта.
„Секогаш кога се фатени во небрано ВМРО-ДПМНЕ наместо со факти се служи со навреди. Македонските граѓани многу добро знаат дека единствениот претседател во историјата на Македонија кој бил ‘фикус на власта’ беше предложен и 10 години поддржуван од ВМРО-ДПМНЕ“,
реагираа од кабинетот на Пендаровски.
На денешната прес-конференција од СДСМ ги прашаа дали лицата кои се обратиле кај Пендаровски за амнестија на Груевски се обратиле и во СДСМ.
„Јавноста многу добро знае, имало случаи кога сме преговарале со ДПМНЕ, на пример за законот за ЈО и за други закони каде што требале да направат некаков компромис, секогаш, буквално секогаш тие отворале судски случаи за кои сакале да се дискутира. Ние тоа го немаме прифатено и нема да прифатиме ниту во иднина. Затоа и не успеавме да се договориме со ДПМНЕ во 2020 година, затоа што доаѓаа на преговорите со судски предмети но ние не прифаќаме. Нема пазар за било каква амнестија, ниту пак со било кого пазар околу правдата и судските случаи“,
одговори Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
Претседателот Пендаровски во интервју за емисијата „Трилинг“ на директно прашање дали ако до него стигне иницијатива, би го амнестирал Груевски, беше категоричен велејќи дека никогаш не би го сторил тоа. Надоврзувајќи се на прашањето, тој откри дека пред неколку месеци од „некои актери на политичката сцена“ бил консултиран околу таа можност.
На ова реагираше ВМРО-ДПМНЕ, а нивниот портпарол Наум Стоилковски побара Пендаровски јавно да каже кој тоа од него барал амнестија за Груевски.
По ова следуваше одговор од кабинетот на претседателот во кој се вели: „Тие предлози, преку посредници, до претседателот Пендаровски беа упатени од политички и безбедносни структури кои се блиски до актуелната опозиција, како и од поранешни политичари“.