Една од предложените новини е дека секоја нова членка на ЕУ ќе има 15-годишен период во рамки на кој може да ѝ биде одземено правото на глас или европските средства ако ги прекрши основните демократски вредности на ЕУ или принципот на искрена соработка
Европската комисија денеска ги претстави новите предлози за идните проширувања на Европската Унија.

Според документот, земјите кандидати би биле вклучени во европските политики и програми и пред формалното пристапување, а Унијата би добила посилни механизми за заштита во случај новата членка да отстапи од своите обврски по пристапувањето. Од Европската комисија посочуваат дека процесот на пристапување останува строго базиран на заслуги и дека стандардите не се менуваат.
Постепената интеграција би подразбирала пристап на земјите кандидати до делови од системот на ЕУ и пред членството – единствениот пазар, програмите, агенциите, како и енергетските, транспортните и дигиталните мрежи. Како примери, Европската комисија ги наведува Единствената зона за плаќања во евра (СЕПА), во која веќе учествуваат Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија, како и роамингот по домашни цени, чие проширување кон Западен Балкан беше одобрено за преговори од страна на Советот на ЕУ во јуни.
Пристапувањето останува условено од напредокот на кандидатите и стратегиско усогласување со Унијата.
Една од предложените новини е дека секоја нова земја членка на Европската Унија ќе има 15-годишен период во рамки на кој може да ѝ биде одземено правото на глас или европските средства ако ги прекрши основните демократски вредности на Европската Унија или принципот на искрена соработка.
„Заштитните механизми ќе се активираат само во случај на сериозни прекршувања, т.е. дејствија спротивни на владеењето на правото, демократијата и нашите вредности. Ова ќе важи и за постојните и за новите членки. За да се приклучат на ЕУ, земјите мора да исполнат многу високи стандарди во областа на владеењето на правото. Мора да се осигуриме дека по пристапувањето никогаш повеќе нема да паднат под тие стандарди. Ова го научивме од минатите искуства. Така што, станува збор за заштита на самите себе“,
изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Европската комисија, исто така, предлага идните членки на одреден временски период по пристапувањето да се обврзат дека ќе се воздржуваат од користење на вето во идните процеси на проширување во однос на билатералните спорови, имајќи предвид дека билатералните прашања што не се поврзани со критериумите за пристапување би требало да се решаваат преку соодветни билатерални или меѓународни механизми.
Со цел да се забрзаат преговорите за пристапување, Европската комисија предлага и гласање со квалификувано мнозинство за отворање на преговарачки кластери, затворање на поглавја и други чекори, додека едногласноста би останала услов за завршување на процесот на пристапување.
Покрај своите годишни извештаи за проширувањето, Европската комисија на 28 октомври ќе ги претстави конкретните патокази за Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија – земји што ги означи како четири предводници во процесот на проширување. Патоказите имаат за цел да ги исцртаат следните чекори, конкретните цели и индикативните временски рамки, со што патот кон членството на овие земји би станал попредвидлив.
