Според двајца високи претставници на Европската комисија, кои работат на нацрт-предлозите и кои говореле за „Политико“ под услов за анонимност, се разгледуваат целни патокази за Црна Гора, Украина, Молдавија и Албанија, како дел од напорите за забрзување на процесот што трае со децении
Патоказите, според претставниците на ЕК, појасно и детално ќе ги дефинираат обврските на секоја земја кандидат, како и одговорностите на земјите членки кои треба да дадат „зелено светло“ за напредок на процесот. Плановите, исто така, предвидуваат приближни датуми за формално затворање на преговарачките кластерите – кои се всушност и клучните чекори на патот кон членство
Во оваа фаза, според соговорниците на „Политико“, патокази нема да им бидат понудени на Македонија, Косово и Босна и Херцерговина (БиХ). Надвор од планот остануваат и Грузија, Турција и Србија, чии пристапни процеси, според Унијата, се соочуваат со застој поради проблеми поврзани со демократските процеси и владеењето на правото
Брисел за првпат размислува да одреди конкретни датуми за Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија за завршување на клучните фази од пристапните преговори, пишува порталот „Политико“.

Информациите за тоа што се подготува во институциите на ЕУ, доаѓаат во пресрет на посетата на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен на регионот на Западен Балкан и исчекувањето на новиот план за побрза интеграција во Европската Унија (ЕУ).
Како што пишува порталот со седиште во Брисел, ЕУ подготува предлози со кои на четирите земји што се најблиску до приклучување кон Унијата ќе им се понуди јасен, постепен пат кон членство,
ЕУ подготвува предлози со кои на четирите земји што се најблиску до приклучување кон блокот ќе им се понуди јасен, постепен пат кон членство, додека другите кандидати заостануваат во процесот.
Предводници во процесот на пристапување кон ЕУ
Според двајца високи претставници на Европската комисија, кои работат на нацрт-предлозите и кои говореле за „Политико“ под услов за анонимност, се разгледуваат целни патокази за Црна Гора, Украина, Молдавија и Албанија, како дел од напорите за забрзување на процесот што трае со децении.
Овие четири земји, како што навеле изворите, се сметаат за предводници во процесот на пристапување кон ЕУ, но и понатаму се соочуваат со бавен напредок и нејасни рокови за формален прием во Унијата. Иако Брисел, пишува „Политико“, долго време ги поддржува ниовните аспирации и кандидатури за членство, патоказите кои се разгледуваат ќе бидат прв чекор со кој овие земји ќе добијат конкретни уверувања, во контекст на предвидливоста на процесот, бидејќи содржат индикативни рокови за завршување на преговорите доколку продолжат со суштинските реформи.
Патоказите, според претставниците на ЕК, појасно и детално ќе ги дефинираат обврските на секоја земја кандидат, како и одговорностите на земјите членки кои треба да дадат „зелено светло“ за напредок на процесот. Плановите, исто така, предвидуваат приближни датуми за формално затворање на преговарачките кластерите – кои се всушност и клучните чекори на патот кон членство.
Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, во својот говор за состојбата на Унијата овој месец, најави целна поддршка за земјите кандидати „кои постигнале најголем напредок“.
Во оваа фаза, според соговорниците на „Политико“, патокази нема да им бидат понудени на Македонија, Косово и Босна и Херцерговина (БиХ). Надвор од планот остануваат и Грузија, Турција и Србија, чии пристапни процеси, според Унијата, се соочуваат со застој поради проблеми поврзани со демократските процеси и владеењето на правото.
Лидерите на ЕУ, во услови на растечки геополитички предизвици и зголемени тензии од глобалните ривали, сè повеќе ја нагласуваат потребата од проширување на Унијата со нови членки. Во Брисел, како што пишува порталот, постои загриженост дека предолгиот пристапен процес може да ги демотивира потенцијалните членки и да ги втурне во геополитичката сфера на трети страни, односно кон ривалите на ЕУ.
Реформи во ЕУ
Според документот, во кој „Политико“ имал увид, проширувањето останува геополитички императив на ЕУ, но процесот бара време и исполнување на строгите критериуми и реформи.
„Земјите кандидати мора да поминат низ ригорозен процес заснован на заслуги и да спроведат длабоки и трајни реформи. Тоа време треба целосно стратешки да се искористи, како за подготовка на Унијата за поголем број членки, така и за продлабочување на постепената интеграција во области од заеднички интерес“,
било наведено во нацрт-верзијата на документот.
Како дел од пошироката ревизија, шефицата на ЕК, Фон дер Лајен и комесарката за проширување Марта Кос ќе предложат измени во внатрешното функционирање на Унијата со цел да се обезбедат заштитни механизми што ќе спречат новите членки да ги нарушат клучните политики на ЕУ или да се повлечат од преземените обврски.

„Ревизиите на политиките покажуваат дека Унијата може да прими повеќе членки преку целни прилагодувања, главно во рамките на постоечките договори“,
се наведува во нацрт-текстот, со аргумент дека не е потребно менување на основните закони на ЕУ за да се отстранат грижите во однос на проширувањето.
Лидерите на земјите членки на ЕУ за идното проширување треба да разговараат на самитот во Брисел на 15 октомври, каде што Европскиот совет ќе одржи стратепка дискусија за проширувањето и внатрешните реформи.
Кос претходно овој месец изјави за „Политико“ дека се надева оти предложените промени и разговорите со лидерите ќе донесат „есен на проширувањето“ по години на побавен напредок.
Шефицата на Европската комисија Фон дер Лајен оваа недела ќе ги посети Црна Гора, Албанија, Северна Македонија и Косово, додека Босна и Херцеговина и Србија, не се на нејзините мапа бидејќи во двете земји во тек се кампањи за парламентарни избори.
Евроамбасасдорот во земјава Михалис Рокас неодамна изјави дека оти се надева дека посетата на Фон дер Лајен ќе даде дополнителен поттик за европската интеграција, но, може да биде, како што кажа и одлучувачки чекор за отпочнување на пристапните преговори на земјата со Европската Унија.
Мицкоски бара предвидливост на процесот
Премиерот Христијан Мицкоски по средбата на претставниците од Западен Балкан со високата претставничка на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, во Њујорк, во интервју рече дека побарал од Брисел побрзо да испорача конкретни придобивки за граѓаните од регионот. Тој рече дека на средбата добил чувство како постепено на Балканот да се враќаат темите од раните деведесетти години, посочувајќи дека го изненадува фактот што една работа може да го запали целиот регион.
Во интервју за МРТ1 од Њујорк, во рамки на посетата на Соединетите Американски Држави и учеството на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), Мицкоски го повтори ставот дека Брисел треба да се вклучи во процесот на разговори меѓу Скопје и Софија за да ги слушне аргументите на двете страни. Според него, станува збор за билатерален спор кој треба да се решава преку дијалог со присуство на претставници на Европската Унија. Мицкоски во обраќањето пред Генералното собрание на ОН порача дека процесот на евроинтеграција трае надвор од секој разумен временски рок и ја повика Европската Унија да обезбеди предвидливост и почитување на правилата.
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) е на став дека ако оваа влада обезбеди подобри услови во преговорите или гаранција дека нема да бидеме повторно блокирани на евроинтегративниот пат, тие тоа ќе го поддржат, но со скепса гледаат на решителноста и посветеноста на Владата кон членството во ЕУ.
Осврнувајќи се на најавите на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Филипче минатата недела посочи дека Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина се споменуваат како земји со изгледен пат кон членството до крајот на мандатот на актуелната Комисија, додека Македонија ја нема меѓу нив.
Австрискиот пратеник и постојан известувач на Европскиот парламент за земјава, Томас Вајц, како учесник на Граѓанскиот форум за проширувањето на ЕУ, изјави дека напредокот на Македонија и потребен за земјата да се развиете во модерно, демократско и добро организирано општество, без оглед на тоа дали сака да се приклучи во Европската Унија еден ден или не.
