Министерот за здравство Сашо Клековски смета дека треба да се работи на ограничување на продажбата на брза храна во училиштата, воведување здрава и свежа храна, училишни градини и активности со кои децата уште од најрана возраст ќе се навикнуваат на поздрав начин на исхрана
Околу 135 000 лица во земјава живеат со дијабетес, од кои 4 000 се со дијабетес тип 1, додека за речиси 40 000 се проценува дека ја имаат болеста, но сè уште немаат поставена дијагноза. Раното откривање, редовното следење на нивото на шеќер во крвта, соодветната терапија и здравите животни навики се клучни за спречување на компликациите, порачаа денеска здравствените власти и медицинските експерти по повод 14 Ноември – Светскиот ден на дијабетесот, кој годинава се одбележува под мотото „Рана акција за дијабетес“.

Директорот на Универзитетската клиника за ендокринологија, проф. д-р Ирфан Ахмети, предупреди дека дијабетесот добива пандемиски размери, а голем дел од заболените не се свесни дека ја имаат болеста. Според податоците на Меѓународната федерација за дијабетес, 693 милиони луѓе во светот живеат со ова заболување, при што речиси 43 отсто од нив не знаат дека имаат дијабетес.
Ахмети посочи дека кај околу половина од пациентите со дијабетес тип 2, компликациите се веќе присутни во моментот кога се поставува дијагнозата, што укажува на доцното откривање на болеста. Апелира за редовни скрининзи и поголемо вклучување на здравствениот систем во раното откривање, со цел да се спречат оштетувањата на големите и малите крвни садови.
„Дијабетесот тип 2 во почетната фаза, доколку нема високи вредности на шеќерот во крвта, може да помине без симптоми. Затоа го нарекуваме и таен убиец, бидејќи знаците не секогаш се присутни“,
рече тој.
Како еден од главните ризик-фактори за развој на дијабетес тој ја посочи обезноста, нагласувајќи дека нејзиното навремено третирање може да помогне во спречувањето на преддијабетесот и развојот на хроничното заболување.
Претседателката на Здружението на ендокринолозите и дијабетолозите на Македонија, проф. д-р Татјана Миленковиќ, истакна дека превенцијата, подигањето на здравствената свест и навременото започнување со терапија се од особено значење за лицата со дијабетес.
Пациентите, како што рече, треба да имаат пристап до соодветна терапија, редовни контроли и современи технологии за следење на болеста, кои значително го подобруваат квалитетот на животот, особено кај лицата со дијабетес тип 1.
Според Миленковиќ, пристапот до овие технологии и терапии не треба да биде привилегија на ограничен број пациенти, туку да биде достапен за сите на кои им се потребни.
Министерот за здравство Сашо Клековски, пак, оцени дека превенцијата бара поширок општествен пристап, особено во однос на нездравите навики во исхраната и недоволната физичка активност.
Посочи дека треба да се работи на ограничување на продажбата на брза храна во училиштата, воведување здрава и свежа храна, училишни градини и активности со кои децата уште од најрана возраст ќе се навикнуваат на поздрав начин на исхрана.
Клековски повторно ја актуализираше и идејата за воведување данок на пијалаци со додаден шеќер, посочувајќи дека таква мерка веќе има во 110 земји. Според него, данокот би ги поттикнал производителите или да ја платат давачката или да ја променат формулата и да ја намалат количината на шеќер во пијалаците.
Како пример ја посочи „Фанта“, наведувајќи дека пијалакот во Македонија содржи трипати повеќе шеќер отколку истиот производ во Словенија.
„Јас сум начелно противник на казни и забрани, бидејќи нивните ефекти без јакнење на јавната свест се многу мали. За ова треба да се разговара и да се постигне општествен консензус“,
рече Клековски.
Според него, треба да се разгледа и можноста резултатите од стотиците илјади систематски прегледи годишно да се внесуваат во единствената здравствена евиденција, со што би се овозможило навремено откривање на лицата со зголемен ризик од дијабетес.
Осврнувајќи се на лекувањето, министерот рече дека не може сите пациенти да се третираат со „Оземпик“, туку дека се потребни и промени во животните навики, редовна физичка активност и соодветна исхрана. Како пример ја посочи потребата од околу 8 000 чекори дневно.
На прес-конференцијата беше посочено и дека се обезбедени сензори за континуирано мерење на гликозата за сите пациенти со дијабетес тип 1 на возраст до 25 години.
Станува збор за околу 800 лица, од кои 350 се деца, а останатите се на возраст од 18 до 25 години.
