Вкупните приходи се планирани на 395,4 милијарди денари или 5,7 отсто повеќе во споредба со 2026 година, а вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари или за 4,8 проценти во споредба со 2026 година

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска смета дека предлог-буџетот за 2027 година претставува продолжување на определбата за одговорна фискална политика, економски раст и подобрување на квалитетот на јавните услуги.
На денешното презентирање на предлог-буџетот за идната година пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, Димитриеска-Кочоска рече дека со него се обезбедени средства за редовно функционирање на институциите, исполнување на обврските кон граѓаните, поддршка на стопанството и реализацијата на капиталните инвестиции.
„Истовремено, остануваме посветени на постепената фискална консолидација, подобрувањето на наплатата на приходите и рационализацијата на расходите, со цел да обезбедиме стабилни и одржливи јавни финансии“,
рече Димитриеска-Кочоска.
Според неа, приоритет на Владата останува постепената фискална консолидација, рационалното и ефикасно трошење на јавните средства, подобрата наплата на приходите и насочување на средствата кон развојни и продуктивни инвестиции.
„Основната цел е постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг и нивно усогласување со воспоставените фискални правила, без притоа да се доведе во прашање редовното извршување на обврските на државата и финансирањето на приоритетните политики“,
додаде министерката.
Нагласувајќи дека неизвесноста во меѓународното окружување, како и високите и променливи цени на енергентите на светските берзи и натаму претставуваат ризици за домашната економија, министерката за финансии оцени дека сепак и во вакво меѓународно опкружување, домашната економија продолжува со позитивни трендови.
„Во 2027 година се очекува продолжување на позитивните економски движења и реален раст на БДП од 3,8 отсто. Главен двигател на растот повторно ќе биде домашната побарувачка, пред сè преку засилената инвестициска активност. Бруто-инвестициите се проектирани да забележат реален раст од 6,8 проценти, поддржан од продолжувањето на големите инфраструктурни проекти, инвестициите во енергетиката, обновливите извори на енергија, здравството, образованието и земјоделството“,
кажа таа.
Додаде и дека се очекува продолжување на инвестициската активност на домашните претпријатија, како и прилив на нови странски директни инвестиции и проширување на капацитетите на постојните инвеститори.
Вкупните приходи се планирани на 395,4 милијарди денари или 5,7 отсто повеќе во споредба со 2026 година, а вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари или за 4,8 проценти во споредба со 2026 година.
Даночните приходи се планирани на ниво од 223,1 милијарди денари, што претставува раст од 6,4 отсто во однос 2026 година што, според министерката за финансии, се заснова на позитивните движења во економската активност, подобрената реализација на приходите годинава и унапредувањето на процесот на планирање и проектирање на буџетските приходи.
Кај расходите има зголемување на расходите за плати, кои се проектирани на речиси 57,2 милијарди денари, што е за приближно 3,4 милијарди денари повеќе во однос на последните проекции за 2026 година. Средствата, според министерката, се обезбедени за исполнување на постојната законска регулатива, обврските од склучените колективни договори и потребните нови вработувања, првенствено преку мобилност и преземање вработени во рамките на јавниот сектор.
Буџетскиот дефицит е планиран на 45 милијарди денари, односно 3,5 отсто од БДП.
За капитални расходи се планирани 40,8 милијарди денари.
Во однос на јавниот долг министерката посочи дека на 30 септември годинава јавниот долг изнесувал 56,6 отсто од БДП.
„Во 2027 година, покрај финансирањето на буџетскиот дефицит, кој е проектиран на 45 милијарди денари, државата има обврски и за сервисирање на долгот во износ од 124,6 милијарди денари. Од вкупните обврски за отплата 46,5 милјарди денари се за надворешен долг. В година, како што е познато, за отплата е еврообрзницата од 500 милиони евра издадена во 2023 година. За финансирање на дефицитот и обврските планирано е домашно задолжување од 36,3 милијарди денари и дополнителни 60 милијарди денари за едногодишни државни хартии од вредност, кои достасуваат за отплата и задолжување во странство од 86,8 милијарди денари“,
образложи таа.
Димитриеска-Кочоска посочи дека предлог-буџетот не е само план на приходи и расходи, туку рамка во која се утврдени приоритетите и создадени услови за одржлив економски раст и подобар животен стандард на граѓаните.
