„На едно неформално ниво од пред седум-осум месеци некои актери од политичката сцена ме консултираа околу таа можност, што мислам околу таа можност. Им реков децидно дека тоа не би го направил никогаш, бидејќи тоа би било рушење на правната држава. Таков тип на милосрдие стои во Уставот, но јас не мислам дека сум султан или монарх во оваа држава за такви кривични дејанија самиот да пресудувам и да решавам што е право, што не“, изјави шефот на државата во вечерашното интервју за емисијата „Трилинг“ на ТВ 24
Вели дека указот за измените на Кривичниот законик го потпишал затоа што му бил донесен на маса, одобрен од Собранието, како текст на закон, а дали има мотивација со нив да се овозможи нешто друго, рече дека за тоа треба „кај Владата да прашате“, оти тој не знае
Шефот на државата Стево Пендаровски вели дека не ги знае мотивите зошто токму сега се донесоа измените на Кривичниот законик, но, според него, не станува збор за неказнивост, бидејќи и понатаму има казни за кривичните дела од членот 353 за злоупотреба на службената положба и овластување. Тие се намалени, вели претседателот, но олеснета е проширената конфискација на имот.
Тој ова го кажа во вечерашното интервју за емисијата „Трилинг“ на ТВ 24, прашан за тајмингот и брзината со која беа утврдени и изгласани измените на Кривичниот законик.
Вели дека указот за измените на Кривичниот законик го потпишал затоа што му бил донесен на маса, одобрен од Собранието, како текст на закон.
„Не знам дали овој тајминг е избран заради нешто друго, како што се шпекулациите во јавноста, меѓутоа морам да појаснам, го објаснував тоа и во однос на указот за законот за т.н. ‘Бехтел и Енка’. Јас не потпишувам указ заради нешто претпоставено што може да се случи понатаму со изградбата на автопатите, јас потпишувам указ само затоа што ми е донесено на маса, одобрено од Собрание како текст на законот. Во законот за „Бехтел и Енка“ не пишува дека некој ќе земе 15, 20, 30 проценти, корупција итн. Во законот тоа не го пишува. Луѓето ги заменија работите, дел од критичарите велат тоа е основ за идна корупција. Како? Со тоа што не знам која фирма ќе биде во надзорниот одбор или колку ќе чини милијарда и триста, првичните иницијални проценки или две милијарди и кусур до крајот на проектот. Јас не го потпишувам тоа, јас го потпишувам она што ми е принесено како текст на закон. Истото важи и тука. Дали има мотивација, кај Владата треба да прашате дали со ова се овозможи нешто друго, јас тоа не го знам. Јас гледам на хартија“,
рече Пендаровски.
Во контекст на измените на Кривичниот законик, прашан дали власта во земјава се надева на помош од поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, а сега бегалец во Будимпешта за обезбедување на двотретинско мнозинство за промена на Уставот, шефот на државата категорично вели дека со овие измени на КЗ Груевски не може да се врати во Скопје.
„Прво, сосема кусо, (Сашо) Мијалков не беше главниот за обезбедување на осумте пратеници за Преспа (за промена на уставното име н.з.), меѓутоа ќе го оставиме тоа на историчарите да го коментираат. Кажете ми, како Груевски ќе помогне од Будимпешта за дветретини врзано за законските промени што ги говориме. Не знам дали утре ќе се случи друго-трето, какви махинации се возможни, јас не сум во тек, не ги знам тие работи, ако ги има. Меѓутоа, врзано со овој закон, Груевски не може со овие измени на Кривичниот законик да се врати во Скопје. Или можеби мислите дека е маѓионичар, па од Будимпешта ќе направи десет пратеника“,
рече Пендаровски.
На директно прашање дали ако до него стигне иницијатива, би го амнестирал Груевски, шефот на државата повторно беше категоричен, велејќи дека никогаш не би го сторил тоа. Надоврзувајќи се на прашањето, тој откри дека пред неколку месеци од „некои актери на политичката сцена“ бил консултиран околу таа можност.
„Не! Ги слушам тие шпекулации наназад седум-осум месеци од нашата политичка чаршија и кујна, да бидам и поексплицитен, значи на едно неформално ниво од пред седум-осум месеци некои актери од политичката сцена ме консултираа околу таа можност, што мислам околу таа можност. Им реков децидно дека тоа не би го направил никогаш, бидејќи тоа би било рушење на правната држава. Таков тип на милосрдие стои во Уставот, но јас не мислам дека сум султан или монарх во оваа држава за такви кривични дејанија самиот да пресудувам и да решавам што е право, што не. Има судски постапки, низ судски постапки, за ‘мерцедесот’ се докажа, мислам дека и за шамарите во Центар се докажаа пресудите. На што би личело јас од оваа позиција тука да кажувам. Тоа не би го направил за мој најблизок роднина, а не пак за кој било друг политичар“,
изјави Пендаровски.
Прашан дали потпишувањето на измените на Кривичниот законик е во насока за добивање поддршка за втор мандат, Пендаровски одговори дека мотивацијата ја кажал претходно.
„Ако некој мисли дека во петтата година од својот мандат, со потпишување или непотпишување на еден единствен закон, ќе добие политичка поддршка од некои битни политички чинители во актуелната влада за евентуален втор мандат, тој не разбира ништо од политика“,
изјави Пендаровски.
За законот за амнестија што го предложи Министерството за правда, Пендаровски рече дека на него се работи повеќе месеци, а примарниот мотив е да се ослободат оние кои имаат пред се до шест месеци казна затвор и да се намали затворската популација, што според сите извештаи на Советот на Европа е преголема.