Тој посочи дека на масата сега остануваат единствено реформите, уставните измени и соработката со Европското обвинителство

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на нејзината посета на Скопје јасно потврди дека македонскиот јазик, идентитет и култура се целосно зачувани и заштитени, со што ја сруши лагата на премиерот Христијан Мицкоски, обвини денеска на прес-конференција Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор на партијата.
Според Жерновски, по оваа потврда од Брисел, во вода паднале сите претходни ветувања на ВМРО-ДПМНЕ за поништување на договорите, за нови преговарачки рамки, одложено дејство или гаранции. Тој посочи дека на масата сега остануваат единствено реформите, уставните измени и соработката со Европското обвинителство.
Од СДСМ истакнуваат дека Мицкоски сега спроведува повторно иницирање, разгорување на темата Бугарија.
„Чудно е да каните соседи на разговор, а однапред да создавате услови тие разговори да пропаднат. Оваа влада има обврска да обезбеди напредок на државата и, се разбира, да им обезбеди европска иднина на нашите граѓани. Мицкоски не сака уште еднаш да направиме исчекор кон Европската Унија затоа што во ЕУ постојат правила, прецизни правила на игра. И постои Европско обвинителство“,
изјави Жерновски.
Од партијата велат дека со историјата треба да се занимаваат историчарите, а СДСМ до крај ќе се бори, да ја разобличува стратегијата „затоа што сакаме да ја видиме наша држава во Европската Унија, затоа што оваа држава заслужува да биде во Европската Унија и затоа што граѓаните заслужуваат да имаат европска иднина“.
