Од МВР велат дека акцијата е дел од меѓународната кампања и ќе се спроведува истовремено во 34 европски држави

До 11 овој месец, Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе спроведува засилени сообраќајни контроли насочени кон употреба на мобилни телефони, слушалки и други електронски уреди од учесниците во сообраќајот.
Од МВР велат дека акцијата е дел од меѓународната кампања на ROADPOL, „Focus on the Road“, и ќе се спроведува истовремено во 34 европски држави. Целта, како што велат, е намалување на ризиците предизвикани од одвлечено внимание и поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот.
„Пишувањето пораки, телефонските разговори, проверувањето известувања или користењето социјални мрежи додека управуваме возило го одвлекуваат вниманието од патот. Доволни се само неколку секунди невнимание за возачот да пропушти навреме да забележи опасност и да реагира“,
се вели во соопштението од МВР.
Од Министерството апелираат до учесниците во сообраќајот да бидат одговорни и целосно фокусирани на патот.
