Сите досегашни пакети всушност беа своевидна градација, а сè започна со исклучување на руските банки од системот за плаќање СВИФТ
ЕК денеска предложи нов, шести по ред пакет санкции спрема Русија. Со него е опфатена и една која се смета за најголем предизвик за ЕУ – ембарго на увоз на руска нафта до крајот на годината.
Сите досегашни пакети всушност беа своевидна градација. Сè започна со исклучување на руските банки од системот за плаќање СВИФТ…
Првиот пакет санкции против Русија беше усвоен од лидерите на ЕУ во февруари, веднаш по почетокот на војната во Украина. Како одговор на Русија, ЕУ ги таргетираше банките кои ги финансираат руските воени операции. Три руски банки тогаш беа исклучени од системот за плаќање СВИФТ.
Покрај тоа, цел беше и имотот на Владимир Путин и Сергеј Лавров надвор од Русија.
Во вториот пакет, кој беше воведен во март, ЕУ дополнително го зголеми притисокот врз руската економија, но таргетираше и одредени функционери. Унијата санкционираше повеќе руски банки, но и руски медиуми. Емитувањето на РТ и Спутник тогаш беше забрането во сите земји-членки на ЕУ, но и во земјите кандидати.
Цел беа и руските олигарси, особено Роман Абрамович, долгогодишен соработник на Владимир Путин.
На списокот на оние чиј имот е замрзнат во ЕУ се рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова.
Третиот пакет, исто така воведен во март, го санкционира човек познат како „мегафон на Путин“, а тоа е неговиот портпарол Дмитриј Песков.
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел истакна дека новите санкции го вклучуваат финансискиот сектор, енергетскиот и спортскиот сектор, како и контролата и финансирањето на извозот, визната политика и дополнителните списоци на руски физички лица.
Претседателот на Европскиот совет рече дека бесмисленото страдање и загубата на цивилни животи мора да престанат и дека Европа стои со народот на Украина и ќе продолжи да дава поддршка.
Четвртиот пакет, во моментот на воведувањето, беше оценет како „најјак“. Посилните рестриктивни мерки беа со цел за зајакнување на економскиот притисок врз Кремљ и, како што се наведува во објаснувањето од ЕУ, ќе влијаат нејзината способност да ја финансира инвазијата на Украина.
Тогаш беше договорена целосна забрана за какви било трансакции со одредени руски државни компании во различни сектори, забрана за увоз во ЕУ на производи од челик кои моментално се под заштитни мерки на ЕУ, во износ од приближно 3,3 милијарди евра изгубени приходи од извоз во Русија, далекосежна забрана за нови инвестиции во рускиот енергетски сектор, со ограничени исклучоци за цивилна нуклеарна енергија и транспорт на одредени енергетски производи назад во ЕУ, забрана за извоз на луксузни стоки, забрана за рангирање на Русија и руските компании од агенциите за кредитен рејтинг на ЕУ и обезбедувањето рејтинг-услуги на руски клиенти.
Проширена е и листата на санкционирани лица и субјекти, на која има олигарси и бизнис елити поврзани со Кремљ.
Последниот пакет пред ембаргото беше фокусиран на забрана за извоз на јаглен и затворање на пристаништата за руските бродови.
Санкциите беа насочени кон шест главни области: руски јаглен, финансиски трансакции, транспорт, увоз и извоз во Русија и исклучување на Русија од јавните договори и европските фондови.
Рускиот претседател Владимир Путин тогаш рече дека неговата земја трпи притисок без преседан од наметнатите санкции Западот како резултат на војната во Украина, но сепак оцени дека е пропаднат обидот на Западот да спроведат колапс на банкарскиот систем преку санкции, како и недостиг на стока.
Најновиот шести пакет санкции треба да биде одобрен од земјите членки на Унијата.